11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Откупните цени ќе бидат пресудни за новата тутунска реколта

Незаинтересираноста од младите генерации за земјоделство, исселувањето, нестабилните временски прилики и ризикот што го носи т.н „индустрија на отворено“ се очекува да го продолжат трендот на намалување на тутунопроизводството, велат од Сојузот на здруженија на тутунопроизводители. За новата реколта ресорното министерство издало 23 432 евидентни листови за планирано тутунопроизводство за вкупна површина 14 469 хектари кои треба да бидат засадени под оваа индустриска култура. Според откупните компании склучени се 34 105 договори, при што е пријавена побарувачка од 28 милиони килограми.
– И тие што се пријавени тешко е дека ќе се исполнат, со оглед на тоа што помладите не сакаат да го работат тутунот, туку повеќе настојуваат да се вработат во компаниите, странските инвестиции кои се во регионот. Најмногу зависи и од временските услови, бидејќи ние сме индустрија на отворено, а ако вака продолжи сезоната, ќе има намалување на производството. Се случи невреме во Долнени, каде ќе има оштетување на насадениот тутун кој што е поплавен, исто така и во Општина Новаци беше зафатена од големо невреме, вели Киро Ниделковски претседател на Сојузот.
Дел од откупните компании сеуште тактизираат со цените содржани во договорите, иако тутунските здруженија во неколку наврати повикуваа дека цените треба да се за 20 отсто повисоки од ланските, линеарно со приближување на цените според класи.
– Ние не можеме да интервенираме, туку само да укажеме во однос на цените, а откупувачите се должни до 20 февруари да достават изготвен договор со текст и понудени цени. На тие цени, ние во рок од 5 дена треба да му одговориме, дали ги прифаќаме. Но, треба да биде јасно дека тутунопроизводство не е социјална, туку пазарна категорија, што значи доколку нема пораст на цените, ќе има пад на продукцијата, појаснува Данчо Милески секретар на Здружението на тутунопроизводите „Мице Козар“ од Прилеп, кој додава дека тутунопроизводството е макотрпна работа која бара 25 работни операции што значи вложување енергија, време и финансиски средства.
Пазарот го определува понудата и побарувачката. Ориенталниот тутун се бара, зашто опаѓа производството на Балканот, во Турција продукцијата е преполовена, а Бугарија и Грција се ориентирани кон крупнолисен тутун за сопствената преработувачка индустрија. Тутунарите бараат деловни пазарни односи со откупувачите при склучувањето на договорите, со јасно дефинирани цени пред почетокот на новата реколта.
– Ние побаравме измени и дополнувања во Законот за тутун, што верувам дека ќе поминат во Собрание, и тоа почеток на редовен откуп од 15 ноември, кој би траел до 25 февруари. Роковникот да се помести порано, со што, уште во февруари тутунарите ќе добијат квалитетен семенски материјал преку откупувачите од Институтот за тутун, а не како денес што се принудени да се снајдуваат со неиспитано и несигурно семе кое мораат да го прибават сами, додава Милески.
За претстојната реколта, од која расадувањето на тутунот е веќе 80 отсто завршено, пресудни ќе бидат цените кои сеуште не им се познати на земјоделците. Тутунските здруженија бараат анекс на договорите и зголемени цени, но откупувачите калкулираат со намера да искористат. За да бидат рамноправни играчи на пазарот тутунарите треба да ја исправат недореченоста во законот околу дефинирањето на цените.

Би можело да ве интересира

Пелагонија има највисоки производни трошоци на житните култури

Една третина од буџетот ја чини сивата економија во земјоделството

Пела Редакција

До крајот на мај барања за кофинансирање за набавка на трактори

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе