По одржаното Собрание на акционерите, денеска, генералниот директор Кире Станкоски на средба со новинарите во Комбинатот информираше дека Прилепскиот тутунски комбинат е сеуште во категоријата загубари,но нема повеќе долгови спрема државата,прв пат по повеќе од 10 години. Комбинатот останува да ги исплаќа кредитите кон банките, по повеќе години зголемена е ликвидноста. Продуктивноста ќе се зголемува и преку нов пакет со отпремнини за околу 150-ина вработени, вели генералниот директор Станкоски.
Акционерите денеска ги разгледуваа финансиските и годишниот извештај и годишната сметка за 2017, работењето на новото раководство како и ревизорскиот извештај за минатата година.
Според извештајот загубата на Комбинатот лани е 51 милион денари и е за 21 насто, односно за 14 милиони денари, помала во споредба со 2016 година,што се должи главно на трошоци за исплата на камати. На крајот на 2017 година комбинатот во целост го исплати долгот спрема УЈП од 66 милиони денари, пред се за персонален данок и ДДВ, што значи не и должи на државата и првпат по долг период остварен е позитивен паричен тек зашто има добивка од 590.000 денари. Директорот Станкоски потенцираше дека интенција е годинава Комбинатот да ја заврши со позитивен биланс, што ќе се постигне од продажбата на цигарите и на тутунот, а и со програмата за зголемување на продуктивноста. Комбинатот сега брои 410 вработени а по понудата за пакети и спогодбено напуштање на фирмата тој број се очекува тој број значително да се намали.
Стратегиската партнерска соработка со „Филип Морис“ е одлична, оценуваат во комбинатот, а успешно заврши откупот и исплатата на тутунот од ланската реколта преку банкарски кредит. Годинава ќе се зголемат количествата за откуп од кооперантите.