11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

МУЗИЧКИ ОМАЖ ЗА Д-Р АНАСТАС КОЦАРЕВ ВО ПАРИЗ

Париз-Бонди, 24 март 2024

Во организација на здружението „Заборавени Македонци“ на градските гробишта во париската општина Бонди, Македонците од Париз и околината, но и од други градови од Франција, како и гости од Италија и Швајцарија заедно со  градоначалникот на општината г. Стефен Ерве се поклонија на гробот на д-р Анастас Коцарев и одржаа пригодни говори за неговата научна работа и неговите заложби за независна држава Македонија на Париската мировна конференција во 1919 година. Оваа година се навршуваат 134 години од раѓањето и 93 години од смртта на светски познатиот научник од македонско потекло.

Во чест на Анастас д-р Коцарев, здружението „Заборавени Македонци„ организираше концерт во македонската православна црква „Св.Кирил и Методиј„ во Париз каде со величествени аплаузи беше пречекана и испратена музичката двојка Елена Стојчевска (флејта) и Роман Петио (гитара) кои настапија пред македонската публика. Претходно, домаќинот на единствениот македонски храм во Франција отец Даниел Стојчевски одржа литургија.

Mузичкиот настап на Роман Петио (гитара) и Елена Стојчевска (флејта)

И оваа година на настанот присуствуваа потомци на семејството Коцареви (д-р Предраг Николовски од Италија) и семејството Пинел (Женевјев Брине од Париз), давајќи ѝ континуиран респект на љубовната врска која ги врзувала двајцата млади партнери Анастас Коцарев и Сесил Пинел во периодот од 1928 до 1931 година, а преку нив и негување на пријателските француско-македонски културни врски.

д-р Предраг Николовски, градоначалникот Стефен Ерве и Женевјев Брине

Д-р Предраг Николовски, потомок на д-р Анастас Коцарев, кој дојде од Италија се заблагодари на присутните  за почитта која ја негуваат за охридскиот доктор и ја потенцираше човечката димензија и вистинските вредности: „ова денес за мене е една посебна прилика што дојдов да му искажам почит на мојот предок и ви благодарам на сите вас што сте тука и што се држите до своите корени бидејќи луѓето без корен немаат вредност.„

 

Д-р Анастас Коцарев е роден во Охрид, на 26 март 1890 во старо и угледно охридско семејство Коцареви. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и медицински факултет во Женева каде докторирал и останал да работи на Женевскиот универзитет како асистент, потоа како лекар и приватен доцент по онкологија на универзитетската клиника. Во 1928 година со својата вереница, парижанката Сесил Пинел се населил во Париз каде мистериозно починал на 28 март 1931 година. 

Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Ова истражување ќе го насочи на тесна соработка со познатата нобеловка Мари Склодовска-Кири која во тоа време била професор и директор на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз. Бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. 

Покрај неговата професионална преокупација – медицината, д-р Анастас Коцарев во текот на Првата светска војна и за време на Париската мировна конференција во 1919 година се залагал независна држава Македонија и од име на Генералниот совет на македонските друштва во Швајцарија (на кое бил и претседател) поднел барање да испрати тричлена комисија која би ги застапувала интересите на македонскиот народ, но нивното барање било одбиено од преговарачите на конференцијата.

Претседателката на здружението „Заборавени Македонци„ г-ѓа Соња Кировски нѝ изјави дека нејзиниот тим и понатаму останува посветен на ликот и делото на д-р Коцарев и секоја година организира комеморации на неговиот гроб и пригодни одбележувања на различни локации каде работел светски познатиот онколог.

Претставници од здружението „Заборавени Македонци„ Смиле Петровски и претседателката на здружението Соња Кировски

Минатата година, на покана на нашето здружение во Париз за првпат престојуваше делегација од Македонија предводена од градоначалникот на Охрид г. Кирил Пецаков и беа воспоставени блиски врски меѓу двата града (Бонди и Охрид), а со свое присуство бевме удостоени и од неговата внука Соња Коцарева-Трпезановска и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите академик Љупчо Коцарев, исто така потомок на научникот„ – нѝ потврди Соња Кировски.

Би можело да ве интересира

По медиумската објава, семeјството Спасески го посетија институциите

Шпекулација е веста дека директорката на болницата си дала оставка

Елизабета Филипоска

По 9 децении достојна почит и комеморација за д-р Атанас Коцарев, научникот кој работел со Марија Кири

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе