5.4 C
Прилеп
петок, 15 ноември, 2024
Пела Радио

Радоста и тагата на Мариовско – мегленските средби

 

Секоја посета на Мариово побудува во исто време радост, но уште поголема тага. Така беше и овој пат. Повод 34 тото издание на Мариовско – мегленскaтa културна средба која по традиција се одржува кај манастирот „Свети Илија“ во близина на селото Витолиште. Тоа беше одлична можност да се посети „мариовскиот бисер“, заборавен и запуштен крај што од време – на време, благодарение на вакви и слични манифестации заживува барем на неколку денови.
Како се живее во Мариово?
Пензионерот Тодко Шутковски од Витолиште живее во родното село каде одгледува околу 800 овци.
-Во Витолиште останаа уште 50 души, а имаше околу 1100 жители. На времето имаше околу 10 илјади овци, јас работев во самопослугата 24 години и кога идеше камионот со пивото за 3 дена се пиеше целото пиво. Имаше многу народ, а сега нема ништо, вели Шутковски.
Оние малкумина што останаа да живеат во Мариово, или барем повремено да доаѓаат за одмор во родните куќи или викендиците се убедени дека нема овој крај да заживее, зашто нема од што да се живее.
– Единствено ако државата се заинтересира може нешто да се направи. Ние како поединци не можеме ништо да направиме, затоа што колку што правиме природата и времето ги руши нашите напори. Ако државата се заинтересира за развој на туризмот и за овие што остануваат тука да живеат, верувам дека има надеж, вели Стојко Крајоски од Витолиште кој повремено доаѓа во родното село.

Што остана од мариовско – мегленските врски?
За мештаните кога ќе се спомне Меглен се потсетуваат на старите денови кога од Витолиште и околните села заминувале на работа нивните предци да жнеат на нивите, зашто велат дека таму двапати Солунско поле се жнеело, прво јачмен, а потоа пченка и сончоглед. Најмногу оделе момите. Врските со Меглен ги прекина границата.
– Родум сум од Меглен, село Тушим. Живеам во Прилеп, а во родното место сум бил само два пати. Се прекинаа врските со мегленци оти нема патишта. Се исселија Македонците од таму по Првата светска војна. Моите заминале во Алексинац, па од таму некои од семејството дошле во Прилеп. Инаку ми кажуваа дека порано Меглен бил поврзан со Мариово, носеле стока, патувале често, иако е ова планински предел, вели Васил Розовски.
Во мегленско на времето опстојувале 57 села во кои живееле и Македонци и Грци. Селото Тушим од чичко Васил е денес сосема пусто…
Исселувањето и потрагата по поубав живот во градовите или преку граница во поразвиените земји е заедничка одлика на Мариовско – мегленскиот регион. Некогаш – до Првата светска војна нераскинлив планински жив предел, а денес прекршени две парчиња што ги дели една граница, а најмногу од се ги раздвојува отсуството на соодветни патишта.


Може ли манифестацијата да ги обнови врските?
Токму една од задачите на Здружението „Мариовско-мегленски културни средби“ е обнувување на врските меѓу оддалечените роднини и пријатели .
– Целта е да не се заборават врските со родниот крај. Мегленци со Мариовци низ вековите имале силни врски, трговски, семејни, лични, добрососедски. Се надевам дека пак ќе почнат да доаѓаат. Радува тоа што првпат годинава имаме гости од Разлог, Бугарија вели Стојан Ѓуровски, претседател на здружението и организатор на манифестацијата.
„Мариовско-мегленски културни средби“ и годинава доби поддршка од локалната самоуправа.
– Долги години овој мариовски предел не е чепнат од човечка рака и може еколошки и туристички да се развива. Овие средби се одлични и секогаш ќе ги поддржувам и логистички и финансиски зашто многу им значат на жителите сегашни и некогашни од овој крај – вели прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, кој потенцираше дека манифестацијата безрезервно ќе ја поддржува.
Кај манастирот „Св. Илија“ беше весело, разиграно со настапот на културно-уметничките друштва: „Гоце Делчев“, „Етно Илинден“ од Битола, „Стив Наумов“ од селото Логоварди, КУД „Моминок“ и играорната група „Пенка Котеска“ од Прилеп, а на гајда и кавал свиреше Стевче Стојкоски, како и со хуморот на актерите од прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“. Организаторот, здружението „Мариовско-Мегленски културни средби“ ги награди најдобрите творби на тема „Мариово“.

Би можело да ве интересира

Концерт на виолина и пијано „Љубовен триптих“ во Цепенков

Пела Редакција

Откриена црква и човечки скелети од 15 и16 век

Елизабета Филипоска

Изложба на Зафировска, со дела поттикнати од пандемијата

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе