0.8 C
Прилеп
вторник, 24 декември, 2024
Пела Радио

Фестивал „Бои од гласови“-Германија: Македонија извонредно претставена, награден босанскиот славеј Ајдин

Дванаесетгодишниот Ајдин Османовиќ од босанскиот град Сребреник, познат на македонската јавност по беспрекорна изведба на македонски народни песни освои  меѓународна награда за интерпретација на турска песна на Меѓународен фестивал за јазик и култура „Бои од гласови“кој викендов се одржа во германското гратче Гесеке.

 

ФЕСТИВАЛОТ „БОИ ОД ГЛАСОВИ“ ПРОТИВ НЕЗНАЕЊЕТО, РАСИЗМОТ И СИРОМАШТИЈАТА

Овој меѓународен фестивал на јазик и култура е основан во 2002 година а првото претставување беше во 15 мај 2003 година со учество на 17 земји. Денес фестивалот обединува млади луѓе на возраст од 12 до 16 години од над 160 земји од сите континенти.

Господинот Ерсин Јилдиз е еден од основачите на фестивалот кој за медиумите даде поширок опис вели: „Морам да признаам“, рече Јилдиз, дека голем дел од успехот на овој фестивал се должи на мрежата  на меѓународни школи низ целиот свет и наставниот кадар кој ја има примарната цел да ги образува и обединува луѓето кои тежнеат за мир, сочувство и разбирање. Македонија е дел од оваа мрежа и ние имаме одлична соработка со нашите колеги со кои имаме реализирано неколку проекти во Скопје и Охрид.  Фестивалот „Бои од гласови“ сака да пренесе порака во целиот свет дека соништата можат да станат реалност, вртејќи им грб на стравот и омразата. Незнаењето, сиромаштијата, дискриминацијата и расизмот ќе бидат победени само ако сите заедно направиме полет со крилјата на толеранцијата и почитта кон другите. Секој јазик и култура е дел од овој свет кој ги отвара нашите срца и умови и се стреми да го вгради наследеното од нашите претци преку нас во новиот свет“ – заврши Јилдиз.

 

ИЗВОНРЕДНО ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА

Меѓународниот фестивал беше поделен/ траеше две вечери, во петокот на 31 мај со претставување на 11 земји учеснички и саботата 1 јуни 2024 со претставување на 13 земји-учеснички.

Првата вечер е посветена на културната и јазична различност и учесниците/изведувачите настапуваат со свои национални песни облечени во традиционални носии.

Македонија беше претставена на првата финална вечер со младата македонска флејтистка Тијана Тушевска облечена во прекрасна македонска народна носија и ја отпеа песната „Македонско девојче“ пропратена со флејта.

Сѐ поголем број на уметници од Македонија одбиваат да ја користат географската одредница за нашата земја и сакаат да бидат претставени само под името Македонија. Таков беше и случајот со Тијана Тушевска и организаторите немаа никаков проблем таа да биде претставена само со вековното име  „Македонија“ бидејќи фестивалот е токму вистинското место за толеранција, почит кон другите и почит кон себеси.

Според стручното меѓународно жири на првата вечер победи Казахастан односно интерпретаторот Тимур Тусенбеј, второто место го освои Франција со изведувачката Шерин Лиамин, а третото  место го поделија Албанија и Индонезија, односно изведувачите Алегра Јахо и Мирај Назил Џакијах Нугрохо.

ПРОФЕСОРОТ ЈАСМИН БРАШЊИЌ ДЕЛ ОД МЕЃУНАРОДНОТО ЖИРИ

Босанскиот професор по музика г. Јасмин Брашњиќ е избран за член на меѓународното стручно жири на првата финална вечер на фестивалот „Бои од гласови„.

Професорот Брашњиќ на македонската јавност е познат како ментор и откривач на талентираниот Ајдин Османовиќ кој минатата година ја освои македонската публика на социјалните мрежи со својот неверојатен глас и брилијантна изведба на македонски народни песни и кој веднаш потоа одржа два концерти во Крива Паланка и имаше аудиенција кај македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Професорот Брашњиќ доби бројни пофалби од своите колеги музичари од целиот свет кои беа присутни на фестивалот за неговата стручност и посветеност на својата професија и што Ајдин Османовиќ е во сигурни раце во моделирањето на неговата иднина како музичар.

„Нашата цел како кадар вработен во образованието е да да дадеме сѐ што е во наша моќ, нашите талентирани ученици да станат подобри од нас и да ја продолжат традицијата во издигнување на најдобрите и предавање на тоа знаење на идните генерации. Притоа, важно е да останат приземјени и да ја ценат човечноста и да одговорат на потребите од општеството со хуман пристап„ – нѝ рече професорот Брашњиќ.

Втората вечер е посветена на турската песна, односно земјите учеснички изведуваат песни само на турски јазик. Вкупно 13 земји учествуваа со свои претставници (интерпретатори) и Ајдин Османовиќ ја претставуваше Босна и Херцеговина го освои третото место на фестивалот со изведба на познатата турска песна „Слушнав дека си ранет без мене“ (Duydum ki bensiz yarali gibisin). Тој воедно е единствениот учесник на овој фестивал кој доаѓа да пее во финалната вечер без да го познава турскиот јазик, што значи Ајдин само пее на турски за разлика од другите учесници кои пејат и зборуваат турски бидејќи го изучуваат јазикот на некој од турските колеџи.

Според стручното жири за изведба/интерпретација на турска песна победи Албанија односно претставничката Блетиса Карај, второто место го поделија Романија и Казакстан, односно Магда Марија Калуиану и Маргулан Ерикан и третото место, како шо погоре кажавме го освои Ајдин Османовиќ од Босна.

„Освоената награда, односно третото место дадено за Ајдин Османовиќ од стручното жири за изведба на турска песна е голем ветер во грб за Ајдин што за толку кратко време и на негова возраст е забележан на меѓународно ниво за неговите квалитети  и претставува поттик и мотивација за нашата понатамошна работа“ – нѝ изјави професорот Јасмин Брашњиќ непосредно по прогласувањето на победниците на фестивалот.

„Ви благодарам на сите кои ме поддржувате и кои бевте со мене изминатиов период. Тоа ми значи многу. Поздрав до сите и се гледаме наскоро во Македонија“ – нѝ рече Ајдин Османовиќ, детето-славеј на кој се гордее цела Босна, цел Балкан, а наскоро и целиот свет.

Македонскиот краснописец Георги Гоце Дуртаноски му ја честиташе освоената награда на Ајдин Османовиќ со еден уникатен подарок – краснописна верзија на македонската народна песна „Јано мори„ – првата отпеана песна на Османовиќ со која тој стана популарен во Македонија.

Би можело да ве интересира

Општина Могила слави 22 години од своето постоење

Гордана Цветаноска

Прилеп снема и доби нови дози вакцини за сезонски грип

Елизабета Филипоска

Снегот пристигна и во Прилеп – што вели временската прогноза?

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе