3.4 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Стеваноски: Има најава за присилно прекинување на протестите кај Оревоец

Прилепската полиција добила наредба од  Одделот за униформирана полиција од Скопје присилно да го прекине мирниот протест на патот кон Оревоец во близина на базата за ископ на Бехтел и Енка.

Оваа информација утрово се прошири по социјалните мрежи, а ја потврди и Жарко Стеваноски, адвокат застапник на Иницијативниот одбор за прекин на ископот кај Оревоец. Стеваноски со неверување вели дека со тоа се крши уставно загарантираното право на мирни протести кои пак граѓаните редовно ги најавуваат во Полицијата.

– Вака издадената наредба беше изненадување и за нас од причини што покрај тоа што се крши уставно загарантираното право на мирен протест не се исполнети ниту еден од законските протести кои ги имаме најавено. Во текот на денешниот ден претпоставувам дека ќе имаме дополнителна информација дали таквата наредба ќе биде спроведена по секоја цена или не.

Утрово од страна на униформираните полициски службеници бевме известени дека врз основа на телеграма и писмена наредба од одделот за униформирана полиција од Скопје, е доставена наредба за насилно прекинување на протестите и овозможување на механизацијата на Бехтел и Енка и работниците непречено да го користат патот и пристапот до ископот. Од страна на иницијативниот одбор пристапивме во полициската станица со цел да поднесеме пријава против службеното лице, началник на одделот за униформирана полиција заради злоупотреба на положбата од причини што таквото прекинување на законито најавен протест е спротивен на Законот за јавни собири и до ден, денес Бехтел и Енка и Јавното претпријатие за државни патишта немаат доставено нити една писмена документација врз основа на која што можат да го оправдаат продолжувањето на градежните активности, вели Стеваноски.

Граѓаните се во очекување на одлуката на Основниот суд Прилеп за времено стопирање на ископот што го врши Бехтел и Енка кај Оревоец.

– Предлогот за времена мерка е поднесен во понеделникот, на 17 ти јуни, законскиот рок за постапување е 3 дена, што значи во текот на утрешниот ден треба да се одржи рочиштето за одлучување по однос на времената мерка, вели Стеваноски.

Паралелно со протестите кои траат 50 денови , жителите на Оревоец и околните села имаат барања за обештетување на објектите, на нивните домови и викендици, а црквата во Оревоец има оштетувања. Како се одвива таа иницијатива?

– Од постапката за обезбедување на докази, 4 вешти лица веќе ги изготвуваат вештите наоди, иако од страна на Јавното претпријатие и претставниците на Бехтел и Енка беше кажано дека немале доволно време за да ги обезбедат потребните писмени документи и по истекот на 10 дена од рочиштето за обезбедување на докази и покрај писменото барање за доставување на конкретна писмена документација до судот заради изготвување на вештачењето – до денес од нивна страна не доставен ниту еден писмен документ со кој што би се потврдило дека преземале градежни активности согласно закон, додава Стеваноски.

Граѓаните не се откажуваат од протестите и намерата да ја заштитат природата, воздухот, четирите извори на вода, единствените кои ги има општина Прилеп на своја територија, своите домови и викендици и црквата во селото од уништување предизвикано од детонациите на тешката механизација за ископ на Бехтел и Енка.

Би можело да ве интересира

Снежно низ Македонија, внимателно возење

Елизабета Филипоска

(Видео) Уапсен прилепчанец за подметнување пожар

Гордана Цветаноска

Во прилепско ќе се прска против комарци – пчеларите да ги заштитат своите пчели

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе