Пожарот кој вчера ја зафати месноста викана Заград е локализиран и нема опаснсот за објектите и манастирот Трескавец, информираат од Општина Прилеп. Ова било констатирано доцна синоќа на одржаниот состанок на Кризен штаб :
Доцна синоќа беше одржан кризен штаб на кој се разговараше за пожарот кај местото викано Задград и опасноста тој да се приближи кон манастирот Трескавец. На оваа средба, покрај градоначалникот, присуствуваа и претставници од Дирекцијата за заштита и спасување и претставници од ТППЕ Прилеп. Пожарот е локализиран и во моментов манастирот не е загрозен, додека на терен постојано има дежурни тимови на ТППЕ Прилеп. Општина Прилеп, превентивно, испрати барање до ЦУК за воздушна поддршка во случај на влошување на ситуацијата и засилување на пожарот. Ги известуваме сите граѓани дека во моментов пожарот е локализиран и нема опасност по објектите во близина на местото на пожарот и по манастирот Трескавец, се вели во соопштението од прес службата на Општина Прилеп.
Пожарот почнал од пожар на патничко моторно возило.
Утрово, градоначалникот на Прилеп побарал од ЦУК да се обезбеди воздухопловна поддршка на пожарникарите.
Во текот на изминатиот ден интервенирале 15 пожарникари со пет возила и една цистерна од ЈП „Комуналец“ Прилеп, кои пред полноќ биле повлечени од терен.