11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Врховниот суд: Државата е должна да обезбеди здрава животна средина, а непреземањето дејствија е повреда на правата на граѓаните

Општата седница на Врховниот суд  денеска утврди начелен став за правото на здрава животна средина и загадувањето на воздухот. Во Начелниот став се утврдува дека државата согласно националната и меѓународната правна регулатива, е должна да обезбеди здрава животна средина и дека со непреземањето дејствија од страна на надлежните јавни органи се повредува уставно загарантираното право на здрава животна средина.

„Согласно националната и меѓународна правна регулатива, Државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните, кои како странка во управна постапка, можат да бараат да се задолжат надлежните органи, да ги донесат Основните плански документи, од член 23 од Закон за квалитет на амбиенталниот воздух, како Општи акти“, се наведува во Начелниот став.
Претседателката на Врховниот суд на Република Македонија, Беса Адеми, истакна дека правото на здрава животна средина е фундаментално граѓанско и човеково право и непосредно поврзано со унапредувањето на здравјето на граѓaните и со законски пропишаните обврски и должности за заштита на животната средина.

„Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република  Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Пристапот до здрава животна средина е основно човеково право, на што упатува и Советот за човекови права на Обединетите нации“, истакна претседателката на Врховниот суд, додавајќи дека прашањето е важно и од аспект на Европската конвенција, Советот на Европа, Европскиот суд за човековите права и Европскиот суд на правдата.

Професорот д-р Борче Давитковски истакна дека судската власт е коректив на другите власти и дека преку својата отвореност кон јавноста, Врховниот суд дава исклучителен придонес за јакнење на јавната доверба, особено што Општата седница расправа за прашања кои се од интерес на граѓаните и човековите права.

Професорот Давитковски нагласи дека правото на здрава животна средина е уставно загарантирано право и дека секој има право на информации за здравата животна средина, односно за загадувањето на воздухот, согласно конвенциското право и домашното законодавство.

Во таа насока, професорот истакна дека согласно Уставот, секој може да бара заштита на своето право, посебно во ситуација кога јавните органи не ги презеле дејствијата кои согласно законот биле должни да ги преземат и дека од големо значење е што судската власт застанува во одбрана на правата и интересите на граѓаните.

Судијата Џемали Саити истакна дека секој човек има право на здрава животна средина и дека во остварувањето на правото на здрава животна средина се применуваат и одредбите од Законот за управните спорови, кои обезбедуваат судска заштита од незаконити акти и дејствија. На тоа се надоврза судијата Анита Бошковска, која нагласи дека утврдувањето на начелниот став е од големо значење како за граѓаните и јавниот интерес, така и за судството.

Судијата Мирјана Лазарова Трајковска подвлече дека најзначајниот аспект е дека не секогаш со чинење се повредуваат правата, туку може многу поголеми повреди да бидат извршени со не чинење. Во оваа насока, судијата Лазарова Трајковска потенцираше дека правото на здрава животна средина, а во смисла на судската заштита подразбира и право на пристап до суд.

Извор: Макфакс

Би можело да ве интересира

ИН МЕМОРИАМ

Гордана Цветаноска

Вештачкото езеро најавува тешкo лето за земјоделството

Елизабета Филипоска

Фестивалот на мед – Медофест во Прилеп на 7 ми, 8 ми и 9 ти октомври

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе