Доктор Кире Јоноски, ВД директор на ЈЗУ Општа „Борка Талески“ денеска одржа прес конференција во врска со финансиската состојба на прилепската болница. Посочи дека се во тек истрагите за наводно ненаменско трошење на пари и утврдување на одговорност.
„Кога ја презедов функцијата, болницата беше во катастрофална состојба. Во овој момент, морам со големо жалење да истакнам дека наследен е огромен долг. Обврските што ги има болницата по разни основи изнесуваат речиси 193 милиони денари.
По основ на неисплатени отпремнини и јубилејни награди должиме три милиони денари, по основ на извршни решенија долгот е 18.367.811 денари, а според нотарски платни налози, кои изнесуваат 25.560 денари, долгот е 40 милиони денари. Во болницата се трошело и на скапи телефони, на електрични тротинети, односно е трошено за 73 мобилни броеви, кои сметководствено не се евидентирани, а каде завршиле треба да утврдат органите на прогон. Во август 2024 повеќе од четири милиони денари потрошени се за готовинско плаќање, на фиктивни лица, пример за косење трева, без договор и без платен персонален данок. Затекнавме и суми за ресторантски услуги, репрезентации фактурирани од познати ресторани во Прилеп. Се плаќало и за едукации на медицински сестри, на кои никој не отишол на едукација. Има фиктивни транспорти, плаќања патувања за семинари во странство, пишување на прекувремени саати за исплата, рече д-р Јоноски, потенцирајќи дека ќе се борат со предизвикот за санирање на состојбите и подобрување на здравствените услуги кон граѓаните.