Со анекс на договорите од денеска една од 10те откупни компании ја зголеми цената на тутунот од 375 на 400 денари за килограм. Ваквата корекција се должи на зголемениот интензитет на разговори меѓу Сојузот, Министерството за земјоделство и со откупните компании, посочи Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија на прес конференцијата во Прилеп.
Прва компанија која што ја зголеми откупната цена на тутунот за првата класа е Пашоски. Денеска откупната фирма не’информира дека ја покачува цената на тутунот на 400 денари, со тоа што за сите предадени килограми тутун досега ќе им бидат доплатени на производителите. Овој пример се надеваме дека ќе го следат и останатите компании, а во интерес на тутунот и тутунопроизвдството, рече Ристески потенцирајќи дека тоа влева надеж и останатите компании да го следат трендот на корекција на цените.
Зголемувањето е само на првата класа каде што досега е проценет најголем дел од откупениот тутун се, така што просечната цена би изнесувала 400 денари на сиот тутун.
-Заклучно до 7.12. 2024 откупени се вкупно 3 718 703 кгр во прва класа, во втора класа се 13 026 кгр, а трета класа 536 кгр. Од вкупно откупениот тутун исплатен е 40 отсто со просечна цена од 374, 71 денари. Сега тенденцијата на просечната цена ќе се зголеми со зголемувањето на цената на првата класа, а знаеме дека во моментов се откупува само прва класа, рече Ристески.
Тутунарите не отстапуваат од барањата за зголемување на цената, бидејќи како што велат македонскиот тутун е ценет и баран. Со стабилно и со поголемо производство полза имаат и производителите и државата бидејќи се зголемува извозот. Годинава се проценува дека реколтата тежи не повеќе од 16 милиони кгр ориентален тутун.