Се заокружува преземањето на тутунската реколта 2024/25 година. Откупните пунктови ќе затворат многу порано од законски утврдениот рок (28 февруари). Од Сојузот на тутунски здруженија велат дека на терен остана уште не повеќе од 1 милион килограми ориентален тутун кој што деновиве ќе биде дооткупен.
Се надеваме дека откупот 10 до максимум 15 денови ќе заврши. Последната информација што ја имаме е дека се откупени околу 20 милиони кгр тутун. На теренот има некаде околу 700 – 800 илјади максимално до 1 милион килограми. Тој тутун претежно се најдува во прилепско, долненско, крушевско. Нашите предвидувања беа дека има 18 до 19 милиони кгр тутун. Меѓутоа условите за берба беа добри и се продолжија во текот на годината, така што излезе поголема количина. Дел причина е што нема одбитоци и тутунот се откупува комплетно, рече Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Претставниците од Сојузот на тутунски здруженија веќе започнаа со преговорите за новата реколта: условите за склучување договори, селекцијата при преработка на тутунот, проценка според класи, висина на цените…
-Веќе почнавме со преговорите за наредната реколта со откупните компании. Завчера имавме состанок со Алијанса. Начелно ги договараме условите за склучување на договори. Сеуште за висината на цените немаме почнато со преговорите. Со тоа што, преокупација ќе ни биде цената и нема да дозволиме никако таа да биде пониска од годинешната цена. Ќе бараме квалитетот да се плаќа, а не да се занемарува. Ќе бараме стриктна примена на Законот од страна на компаниите за откупување на тутунот. Утре имаме работен состанок со министерството во Велес каде меѓу другото ќе се разговара и за тутунот, вели Ристески.
Забрзаната динамика во откупот по зголемувањето на цените со анекси на договорите доволно говори дека генерално тутунарите се задоволни со постигнатата цена. Меѓутоа велат квалитативната проценка на оваа индустриска култура мора да се почитува ако целта е да продолжи производството на македонските ниви. Тоа ќе значи поттик за земјоделците.
-Како производител на 3 илјади кгр тутун јас сум задоволен со постигнатите откупни цени и субвенциите што ги најави министерството. Мислам дека ќе продолжи производството на тутун со оваа динамика, со ваквите цени. Откупот како што се реализира последниве неколку години не е во ред. Треба да се откупува по класи, според квалитетот, вели Џемал Назифоски, тутунопроизводител од крушевско.
Откупот на тутунот започна на 18 ти ноември, но се слаба динамика, со цени во договорите несоодветни на квалитетот и непроменети 3 години по ред, што пак го прави производството на оваа индустриска култура неисплатливо. Ресорното министерство најавува измени во Законот за тутун и тутунски производи, со цел продукцијата на ориентален тутун да се зголеми и да продолжи. Државата од овој сектор – извоз на ферментиран ориентален тутун инкасира околу 120 милиони евра годишно.