10.3 C
Прилеп
недела, 2 февруари, 2025
Пела Радио

Јагуриноски: Скратена е можноста за избор меѓу Десингерица и Анре Риу

Разговор со Игор Јагуриноски, музичар од Прилеп

Во неделното интервју на порталот на Радио Пела, денес разговараме со Игор Јагуриноски, музичар  од нашиот град. Музиката е постојан и нераскинлив дел од неговиот живот. Своите почетоци ги имал во ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ каде учел прво хармоника, а по добивањето гитара за подарок, гитарата станува негова верна сопатничка. За време на неговите студии во Скопје, го оформува првиот  бенд именуван Оusiders кој опстојувал една година.  По членството во уште неколку групи со кратко траење, се враќа во Прилеп и станува главен вокал на познатиот бенд Бен Хур каде членува од 2001 до 2014 година. Застапен е во Македонската рок енциклопедија на Тошо Филиповски, но и во „Музичка калдрма“ од  новинарката и наставничка Наташа Мирческа. Денес свири во три бенда, создава своја музика и не прекинува да ја слуша музиката што му свири во главата и во срцето…

 

По професија хемичар, а по душа-музичар. Има ли музика без хемија?

Дефинитивно нема. Без хемија музиката е само збир на звуци. Музиката ствара хемија помегу музичарот и слушателот па заедно влегуваат во еден друг универзум. Во тие моменти чувството е прекрасно, надреално, трансцедентално. Кој почувствувал знае за што зборувам. Еден совет, доколку сакате да уживате во музиката кога сте на концерт не снимаjте со мобилниот туку слушајте и уживајте во моментот.

Од 2001 до 2014 сте дел од познатиот прилепски бенд Бен Хур. Како негов вокал дел сте од од Македонската рок енциклопедија што ја приреди Тошо Филиповски. Што значи тоа за Вас, а што значи оваа енциклопедија за Македонија?

За Македонија, Македонската рок енциклопедија има огромно значење. Тошо успеа да ја собере во една книга македонската рок сцена од нејзините почетоци до денес. Тоа е документ кој покажува дека на овие простори се свирело и се свири добра рок музика. Енциклопедијата сега ја има и во библиотеката на Rock and Roll Hall of Fame во Кливленд, Охајо. А мене ми е баш супер што сум дел од оваа енциклопедија. И плус сега можам да кажувам дека сум влезен во Rock and Roll Hall of Fame (се смее).

Сега активно свирите во три музички состави и тоа Rock Blues Band, Igi Bog и Father and son  band. Каква музика третираат овие три бенда, кои музичари ги сочинуваат овие бендови и која е публиката што сака да ве слуша?

Rock Blues Band во моментов сме јас вокал и ритам гитара, Борче соло гитара и бек вокал, Горан тапани и Менде бас гитара. Го направивме пред 11 години јас и Борче Шабаноски. Свириме Rock and Roll значи рок, хард рок, панк… и секако блуз. Igi Bok е акустично гитарско дуо, јас и Борче и свириме Rock and Roll на две акустични гитари. А Father and Son Band е домашен бенд, јас и син ми Михаил. Имаме и еден официјален настап во Club Kalinka. А имаме и една авторска песна која ја напиша Михаил објавена на YouTube со наслов You Won’t Knock Me Down. Публиката која доаѓа на свирките е онаа која ужива во истата музика во која уживаме и ние.

Создавате и своја автoрска музика во која сте комплетен автор. Каков е интересот од страна на публиката која има можност да ја слуша таа музика и да ги гледа музичките спотови преку музичките канали? Дали досега во живо сте изведувале Ваша авторска музика?

Мојата авторска музика ја објавувам на мојот канал Igor Jagurinoski на YouTube. Досега имам објавено пет песни на кој сум комплетен автор и музички и видео. Покрај мене учество има син ми Михаил кој свири дел од соло гитарите, Борче во чие студио го правиме завршниот микс и Бала Наумоски кој го сними со мобилен телефон спотот на песната Rock and Blues Shelter. За двете последни песни направив спотови со свои сопствени снимки. За нив добив промоција и позитивни критики на порталите Таратур, OffNet, Музика24, Брегалнички (нивната критика беше wow) како и портали од Хрватска, Србија и Босна Muzzik.tv, Sound Guardian, Times.ba и промоција од легендарниот рок критичар Бранимир Локнер на TimeMashineMusic. Мојата музика може да се купи на Amazon, Spotify, Qobuz и триесетина други on line музички продавници. И да, сум свирел дел од моите песни во живо.

Тешко ли е да се изборите со музиката која како што велите постојано свири во Вашата глава?

Специфично за мене е тоа што во мојата глава непрекинато слушам музика. Тоа е на некое потсвесно ниво. Слушам музика и кога сум буден и кога сонувам. Некогаш ми вртат песни, некогаш инструментали, а често само парчиња од неколку такта кој ги создал мојот мозок. Отприлика како да имам плеер во главата кој непрекинато работи. Бидејки е на потсвесно ниво не можам свесно да ја контролирам. Една моја пријателка психолог ми кажа дека тоа е последица на тоа што мозокот сака постојано да работи.

Велите дека со Вашата музика се борите против кичот. Што е кич и зошто е потребно да се борите/бориме против него?

Е ова е многу, многу важно прашање. Уметност е пренесување на емоции преку одреден медиум (ноти, стихови, слика, глума, играње…). Главната разлика помеѓу уметноста и кичот е во процесот на творење. Кога се прави уметност авторот своите емоции и размисли ги вади од себе и ги преточува преку музика и текст. Во процесот на творење воопшто не размислува како делото ќе биде прифатено од публиката. Ако публиката го прифати, тогаш супер, ако не, ништо страшно. Кога се твори кич односно шунд, нема пренесување на емоции туку единствено важно е песната да биде што е можно повеќе прифатена од публиката. За жал, преплавени сме од кич некултура почнувајќи од турбо фолкот и безвредна музика од други типови, преку емисии од типот на Фарма и сл, па се до некакви Пинк избори на пејачи. Тоа се ред голи гради, ред ѓубре музика, па ред голи задници и на крај ред безвредни муабети и коментари. Така луѓето и што е уште пострашно децата, немаат избор. Едноставно му е скратена можноста за избор. Решение е да се промовира уметноста исто толку колу што се промовира кичот. Со тоа на луѓето ќе им се врати правото на избор. Ќе слушнат Јаца, Маца, Сека, ама ќе слушнат и Diana Krall, Pink Floid, Betoven, Bob Dylan, Miles итн. Ќе гледаат Проводаџије, ама ќе гледаат и ТВ драма, добар филм, опера, балет. Ќе гледаат концерт на Десингерица, ама ќе гледаат и концерт организиран од Andre Rieu. Значи ќе имаат избор. И тогаш ќе можат да бираат дали сакаат едно, друго или трето. Дел ќе изберат шунд, ама дел ќе изберат уметност. А повеќе уметност значи подобро емоционално изразување, повеќе креативност и иновација, културно разбирање, естетско уживање…

Каква е прилепската, но и македонската музичка сцена според Вас и што треба да се направи или да се промени?

Сцената е како и секаде. Има добра, има лоша музика. Тоа што треба да се направи е промоција. Подолго време нема каде да се промовира музиката, особено добрата.

Каква музика слушате освен онаа што ја создавате и онаа што ја изведувате?

Секоја музика која можам да ја почувствувам, која ме носи во тој другиот универзум. Pink Floyd, Janis Jolin, Diana Krall…во последно време Gershwin…и многу, многу други.  

 

 

Разговорот го водеше Филип Димкоски

 

Би можело да ве интересира

Новогодишен подарок за своите фанови – Нов хит на прилепскиот ју тјубер Влатко 19 (ВИДЕО+ ФОТО )

Никола Димески

Пендаровски во Прилеп на конференцијата за „Дигитализација„ оствари и средба со градоначалникот

Елизабета Филипоска

17 март, Ден на крводарителството: Крвта како лек е сè уште незаменлива

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе