Не е случајно што денеска во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп се одржа прес конференција по повод активностите за одбележување на 75 годишнината од постоењето, бидејќи љубовта е движечката сила во оваа институција, посочи Михајло Миленкоски, актер и раководител во прилепскиот театар.
„Оваа институција Народниот театар „Војдан Чернодрински“ е основана од љубов. Значи луѓето кои што се собрале и го создале од љубов. Таа љубов, кој и да дојде во оваа театарска зграда, дали како публика или да работи – таа љубов ќе ја почувствува. 18 ти Февруари 1950 та година е крената завеста на Народниот театарот „Војдан Чернодрински“ Прилеп. По тој повод од 17 до 23 февруари, ќе се реализира манифестацијата насловена „Недела на театарот“ во која ќе бидат прикажани седум претстави и ќе се одржи панел дискусија „Од Кир Јања“ до „Ученикот“. Освен претставите „Ученикот“ и „Бура“ од театарот „Војдан Чернодрински“ прилепската публика ќе ги проследи гостувањата на Театарот за деца и младинци („Роња.. ), театарот „Златен елец“( „Хинкеман“), Велешкиот театар („Вечера за глупаци“), БТ од Битола („Кокошка“) и на МТЗ („Чернодрински се враќа дома“), посочи Миленкоски.
Театарот „Војдан Чернодрински“ низ децениите растејќи, развивајќи се преку претставите отвораше вистински прашања, коментираше, просветлуваше, возбудуваше, откриваше, воспоставуваше систем на вредности, брануваше. Прилепскиот театар ќе продолжи во таа насока.
„Да се биде дел од прилепската театарска куќа и семејство е привилегија,“ вели Даниела Иваноска, актерка од Народниот театар Војдан Чернодрински.
Првата премиера на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ е „Кир Јања“ од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски.
Досега театарот прикажал околу 350 премиери со над 7000 претстави кои ги гледале над 1,7 милиони луѓе. Режирале 70 режисери, од кои најмногу, дури 62 претстави биле потпишани од Благоја Дамески, потоа 24 од Коле Ангеловски, и од поновата историја, 15 претстави режирал Кирил Петрески. Најмногу од авторите е поставуван Њушиќ, 15 пати, од кои три пати „Нажалена фамилија“.
Во седумипол децениското опстојување, најгледаната претстава во театарот „Војдан Чернодрински“ е „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски, премиера во 1984 година, изведена над 110 пати. Веднаш по неа е „Од кол на кол 1“(2007/2008), исто во режија на Коле Ангеловски.
Најголем успех театарот го постигна со „Тапани во ноќта“, режија Мартин Кочовски, со која освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-тото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“(2009).Исто така „Кавкаскиот круг со креда“ во режија на Мартин Кочовски, во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот Екс Понто во Љубљана, Словенија, а потоа и за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Театарот „Војдан Чернодрински“ низ годините на сцената поставуваше праизведби на текстови од македонски драмски автори. Низ летописот на театарот е забележано дека првиот драмски текст од македонски автор игран на сцената е „Бегалка“ во режија на Аце Михајловски, реализиран уште првата година од постоењето на театарот, текст кој што бил поставуван уште неколку пати. Празиведби доживеале и драмските текстови од Коле Чашуле, Томе Арсовски, Блаже Алексоски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески итн… Биле поставува пиеси од Васил Иљоски, Ристо Крле, Антон Панов, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Блаже Миневски, Никола Јонков Вапцаров, Живко Чинго, Братислав Димитров, Бранко Илиески…
Театарот „Војдан Чернодрински“ низ годините освоил повеќе награди на МТФ „Војдан Чернодрински“. Минатата година се закити со наградата од публиката за претставата „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска. Преходно претставата „Клетници“ во режија на Мартин Кочовски, беше прогласена за најдобра (2018). „Љубовни пози на историјата“ во режија на Наташа Поплавска се закити со наградата за колективна игра (2017). истата награда во 2015 година беше освоена со претставата „ Сон на летната ноќ“ во режија на Нела Витошевиќ.
Во 2013 година „Змејовата невеста„ во режија на Нела Витошевиќ беше прогласена за најдобра претстава во целина, а во 2010 година„Кавкаскиот круг со креда“ во режија на Мартин Кочовски. Тетаарот „Војдан Чернодрински“ беше победник на МТФ и во 2009 година со „Тапани во ноќта“ во режија на Мартин Кочовски. Во 1998 година престижната награда и беше доделена на претставата „Полковникот птица“ во режија на Владо Цветановски, а во 1972 година на „Цена“ во режија на Ацо Алексов.