1.4 C
Прилеп
вторник, 18 февруари, 2025
Пела Радио

Не вреди да се помине ниту еден ден овде-љубовта и ентузијазмот не’ држат во живот!!!

Зградата во која што опстојува Народниот театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп 75 години чува спомени, успеси, радост и тага, а најмногу надеж дека наскоро прилепските актери ќе имаат нов „дом“, нов објект за своите театарски подвизи. За прилепчани зградата од театарот е еден од симболите на градот бидејќи се поистоветува со актерските екипи низ годините, но објектот од поодамна не може да одговори на потребите за нормална работа.

Се чувствува нем, влагата длабоко навлегла во ѕидовите, кровот и покрај реконструкциите не може веќе да ја извршува функцијата. Капе при секој дожд, во просториите се чувствува влага и нем, гардеробата е прекриена со најлон за да не покисне….

„ Не дека зградата го прави театарот, меѓутоа, тој што бил гостин овде кај нас, и прошетал низ овој театар, уверен е и убеден во просторните и техничките одлики на оваа театарска куќа, кои што се далеку од современи или совршени, и се разбира се под секое човечко достоинство. Така да, како и секој човек, како креативци и како луѓе кои работиме во оваа институција, тоа се однесува на целиот персонал, не само на актерите, туку и на администрација, помошно-техничкиот персонал. Заслужуваме да имаме едни нормални услови. Значи, правиме за нешто кое што треба да е нормално, а не ексклузивно или пак да бараме преку леб погача. Да ни се честито 75 години опстојување, 75 години пркос, лудачка љубов, ентузијазам, оти тоа се тие работи кои не држат во живот, инаку не вреди да се помине ниту еден ден овде, заради сите претходни причини кои што ви ги наведов“, вели актерката Даниела Иваноска.

Последните најмалку 20 години се најавува дека прилепскиот театар ќе добие нов објект. Ветувања, ветувања и само ветувања од секоја локална власт, па и од централната. А, прилепскиот театар сеуште е на старата локација со истите дури и продлабочени проблеми. Последната најава е дека во рамките на Центарот за култура Марко Цепенков ќе се изведува надградба каде ќе биде сместен НТ Војдан Чернодрински.

 

– Проектната документација е веќе стигната. Со таа проектна документација се аплицира во Министерство за транпорт и врски. Јас ќе ги пренесам последните информации што ги имам. Проектот е поделен на два дела: Треба да се реновира Центрот за култура Марко Цепенков, како и доградба односно градење на новата зграда на Народен театар Војдан Чеднодрински. За едниот дел мислам дека има веќе стигната дозвола за градба за реновирањето на Марко Цепенков, а за театарот имаше некакви технички промени, мислам дека требаше некоја мала промена со некој тоалет да се направи. Тоа е веќе изготвено, веќе е направено, и е во тек процедурата за дозволата за градба за да излезе за театарската зграда. Што значи, се надеваме, дека таа процедура ќе заврши побрзо и Министерството за транспорт и врски, и после тоа останува одлуката на Министерството за култура и туризам, како и на владата на Република Македонија, рече Михајло Миленкоски, раководител и актер на прилепскиот театар.

 

Потребни се политички одлуки кои ќе му дадат „нов живот“ на подмладениот прилепски актерски ансамбл и нов поттик за работа во услови какви што секој работник заслужува да ги има. Уште повеќе кога се работи за институција од културата – симболот на Прилеп.

„Работиме во исклучително мизерни услови, што се однесува до новиот проект кој што е актуелен веќе години наназад. Исто на тоа прашање, секој пат велам со секоја промена, политичка гарнитура во нашата држава, секој пат добиваме ветување или сме на листата на било која политичка партија, дека Прилеп конечно ќе добие нова театарска зграда. Па од толку многу театри што ни изградивте, не знаеме во кој поправо да се вселиме!!! Така да, јас би посакала вистински да се заангажирате, да најдете финансии и средства, конечно да добиеме нова театарска зграда. Сметам дека е повеќе од неопходно да бидеме театар, онака како што сме биле претходно, затоа што тоа им го должиме на нашите предци, и на сите актери кои што го дале својот влог и биле ентузијасти, едноставно туркале така како што требало да туркаат, и ние туркаме, преживуваме, што е апсолутно погрешно, затоа што треба да живееме, да уживаме, а не да преживуваме. Ова се однесува не само за театарот во Македонија, а општо за сите случувања и сите сектори во нашето општествено живеење. Така да посакувам барем следната година да си речеме среќен или честит 76 ти роденден, Народен театар Војдан Чернодрински,“ посочи актерката Иваноска на прес конференцијата по повод активностите за одбележување 75 години постоење на НТ „Војдан Чернодрински“ Прилеп .

Би можело да ве интересира

Следува студено време со температури под нулата

Елизабета Филипоска

Прекин во снабдување со електрична енергија на повеќе улици во Прилеп в понеделник

Се асфалтира патот кон Вештачкото езеро во Прилеп- сообрајќајот се одвива на една коловозна лента

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе