Разговор со Елеонора Џоџоска-Младенова, оперска певица-сопран од Прилеп, која живее и работи во Софија, Бугарија.
Елеонора Џоџоска-Младенова е родена во Прилеп, Македонија. На 13 години почнала да учи класично пеење во музичкото училиште во Прилеп и Државното музичко училиште во Битола. Студиите ги продолжува на Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“ во класата на проф. д-р Иванка Нинова. За време на студиите на музичката академија освоила бројни награди на разни натпревари во Бугарија и во странство. Учествуваше на 23. оперски денови на „Турксој“ како претставник на Македонија со концерти во Турција (Бурса, Измир) и Кипар. Во 2023 година дебитира на сцената на Државниот музичко-балетски центар Стефан Македонски. Следната година дебитира на сцената на Софиската опера и балет во операта „Волшебната флејта“. Низ годините настапувала со различни оркестри во Бугарија и Македонија, вклучително и Софиската опера и балет, Видинска симфониета, Симфониета Враца, Симфониета Шумен, Камерна опера Благоевград, Камерен оркестар Битола и други. Разговаравме со неа непосредно по дебито во улогата на Силва во оперетата „Царицата на чардашот“.

Mинатата сабота дебитиравте во улогата на Силва во една од најпознатите оперети, „Царицата на чардашот“ од Имре Калман во продукција на Назионалниот музикален театар во Софија. Какви се Вашите впечатоци од изведбата, какви беа реакциите од публиката?
Улогата на Силва во оперетата Царицата на чардашот е една улога којашто мечтаев да ја исполнам, гледајќи неколкупати оперетата точно во музикалниот театар во Софија. Задоволна сум од начинот на којшто се претставив со оглед на краткото време што го имав да се подготвам. Се забавував, дадов се од себе и мислам дека кога еден артист е задоволен и ужива во изведбата, тогаш и публиката е задоволна.
Опишете ни за каква оперета станува збор и колкав предизвик беше да ја подготвите и толкувате улогата на Силва?
Оперетата “Царицата на чардашот” е класика во оперетниот жанр. Малку и комична, оперетата е една љубовна историја помеѓу Силва, пејачка во вариете и Едвин, кнез од семејството Липерт-Вајлерсхајм. Се разбира, нивната врска не е одобрена од семејството на Едвин кое се грижи за својата репутација. Нивната љубов треба да ги надмине препреките којшто се исправаат пред нив за да може на крај тие да го добијат благословот од таткото на Едвин и да стапат во брак. Подготвувањето на улогата за мене чисто од музичка гледна точка не беше тешко. Музиката напишана од Калман е доста позната и е толку прекрасна, имам чувство дека бев водена од неа упте во првиот момент кога ги отворив нотите и почнав да учам. Од гледна точка на драматургијата, имав една единствена проба на сцена со сите колеги и оркестар, за мене лично е успех тоа што за толку кратко време успеав да се справам со сите режисерски задачи. Колегите ми помогнаа многу и за тоа сум им многу благодарна.

Во 2024 година дебитиравте на сцената на Софиската опера и балет со операта „Волшебната флејта“. Како го доживеавте овој момент?
Во март минатата година имав можност да дебитирам како Прва дама во операта Волшебната флејта во Софиската опера и балет. За мене беше големо задоволство да работам рамо до рамо со најголемите солисти на операта и да стекнам такво искуство. Една година покасно, почетокот на овој февруари во истата постановка на режисерката Вера Петрова во Софиска опера имав можност да дебитирам во улогата на Памина. Прекрасно е чувството првата сцена за изјава да ти е сцената на најголемата опера во Бугарија. Освен професионалното искуство, стекнав и пријателства и имам прекрасни спомени од работата таму.
Настапувате и во Бугарија и во Македонија и тоа со различни оркестри и во различни опери. Би можеле ли да направите една компарација помеѓу односот кон класичната музика во Македонија и во Бугарија?
Дека има разлика во одоносот, навистина има! Тука полните сали на секој концерт или опера го докажуваат тоа. Не мислам дека македонската публика не сака да слуша класична музика а мислам дека нема доволно можност за да се наслади на нејзината убавина.

Вашиот сопруг е еден од најпознатите млади оперски пејачи во Бугарија. Предност е или недостаток да се има парнер кој има иста професија како Вас?
Предност, во секоја смисла на зборот. Предност е да имаш човек до тебе што те разбира и ти е подкрепа за се. Дали професионално или не, без разлика. Да можеш и да побараш помош и да добиеш совет или критика и тоа да е од човек на којшто му веруваш безрезервно. Јас сум многу среќна што го имам до мене.
Сега сте на магистерски студии, но веќе станувате препзонатливи на сцената во Бугарија. Соништа имате многу, но секако и животот е пред вас за да ги остварите тие соништа. Која улога најмногу ја посакувате и зошто?
Да, јас имам уште еден семестар од магистратурата во музичката академија во Софија. Како секој сопран можеби многу ја посакувам улогата на Виолета од Травијата но исто така Лиу од Турандот, Адина од Љубовен напиток… улогите се многу, се надевам да имам можност барем половината од нив да ги исполнам.

Кој е Вашиот пример од оперската сцена кој најмногу Ве поттикнува и Ве инспирира да се остварите како оперска уметница?
Ме инспирираат многу ѕвезди од оперската сцена но мислам дека многу повеќе ме инспирираат луѓе кои ги познавам лично и кои што се оствариле како оперски пејачи.. луѓе со кои можам да се видам денски на кафе а вечерта да ги слушам во некој спектакл.
Со Прилеп, Ве врзува раното детство, родителите, образованието. Што е она што е најзначајно за вас како животно или спомен, а сте го стекнале токму во родниот град?
Со Прилеп најмногу ме врзува семејството но и пријателите. Најдобрата моја пријателка се уште е девојчето со кое што се запознав во прво одделение и се уште сме неразделни. Ме врзува и чаршијата полна со луѓе во лето и липите од двете страни на булевар. Јас пет години не сум во Прилеп и за жал со секое следно враќање за неколку дена, се чувствувам се повеќе како странец.
Би сакале ли и дали размислувате за концерт односно Ваше претставување во Прилеп?
Со задоволство би сакала да имам можност да пеам одново во Прилеп. Се надевам наскоро тоа ќе се случи.
Разговорот го водеше Филип Димкоски