Манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица“ која што датира од 12 тиот век во комплексот „Трескавец“, црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп и археолошкиот локалитет „Стибера“ се во напредни фази од нивна реставрација и оспособување за пошироката јавност. Ова денеска го посочи мнистерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој што заедно со државниот секретар Марија С. Ѓоргова беа во посета на локалитетите. На манастирскиот комплекс Трескавец беа присутни , Софија Филипиду, амбасадор на Грција во Македонија, Флора Карајани, директор на Европскиот центар за византиски и пост византиски споменици. Македонските и грчките експерти ќе помагаат за успешна реализација на проектот. За почеток обезбедени се 4 милиони денари. По конзервацијата и рестраврацијата на статиката и подот, решавањето на проблемот со влагата се очекува да се започне со реставрација на фреските во црквата.
Во изминатиот период на Трескавец беа реконструирани и опожарените конаци, а со тоа по повеќе од десет години се овозможи враќање на монашкото братство во овој комплекс.
– Во македонскиот духовен центар, манастирскиот комплекс „Трескавец“, наскоро треба да започне реализацијата на капиталниот проект на Владата и на Министерството за култура и туризам за конзервација и реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Основниот проект за санација и конструктивна консолидација на црквата, отстранување на влагата и реконструкција на подот е во завршна фаза. Очекувам во периодот што следува да се обезбедат сите дозволи за да можеме да почнеме со реализација на овој капитален проект, за кој за почеток обезбедивме 4 милиони денари. Во текот на 2026, пак, ќе се работи и на проектот за конзервација на живописот во црквата – рече Љутков.
Претходно, министерот Љутков ги посети и црквата „Свето Благовештение“ и археолошкиот локалитет „Стибера“.
– Работите на капиталниот проект за конзервација и реставрација на црквата „Св. Благовештение“ треба да завршат до крајот на годинава. Треба да се изврши уште конструктивно зацврстување на носечката конструкција на иконостасот и конзервација и реставрација на резбата, за што се обезбедени 2,1 милиони денари, додека за соодветна туристичка презентација и промоција на археолошкиот локалитет „Стибера“, во тек се активности за тековно одржување. Археолошките истражувања на ова наше културно добро од највисок ранг ќе продолжат кон крајот на август.