Во работна посета на општина Прилеп денеска, престојуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, при што оствари средба со градоначалникот Илија Јованоски, на која стана збор за стандардот на земјоделците и за иницијативата на Општина Прилеп, за одделување средства од општинскиот буџет, со кои ќе бидат обесштетени земјоделците од невремето кое во јули во два наврати го зафати прилепскиот регион.
„ Советот на Општина Прилеп формираше комисија која ги разгледа поднесените 1.315 пријави за оштетени култури и која записниците ги испрати до Министерството за земјоделство. За прв пат од постоењето на локалната самоуправа, Општина Прилеп ќе издвои буџетски средства за обештетување на дел од штетите направени од невремето. Иако тие средства нема да ги обештат целосно, сепак во голема мера ќе придонесат за задоволување на основните потреби за припрема на следната реколта“, изјави градоначалникот Јованоски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски рече дека тутунопроизводството е една од стратешките гранки во земјоделството, кое добива силна поддршка од Владата на Република Македонија и која обезбедува девизен прилив од околу 100 милиони евра. Со новиот начин на субвенционирање се зголемува приливот на средства за тутунарите, потенцираше Николовски.
„ Со новиот Закон за тутун се создаваат административни олеснувања, односно се отстрануваат одредени бариери кои ги имаа земјоделците при склучувањето на договори. Се укинуваат евидентните листови и се создава административен софтвер, во кој ќе се внесуваат сите податоци од страна на откупните компании. ЕУ одделува 40 отсто од својот буџет токму за секторот земјоделие и ова е еден од најзначајните сектори каде што стигнува целокупната поддршка за државите членки на ЕУ. истакна министерот Николовски.
Покрај средбата со градоначалникот Јованоски, министерот Николовски , попладнево оствари средби со населението од регионот погоден од невремето, населените места Канатларци, Мало и Големо Коњари. На средбите со земјоделците ресорниот министер се запозна со реалните проблеми и барања од директните производители.