На стадионот под Тумбе кафе во Битола споменот на легендарниот навивач Мате Шундовски (1936-2006), ги собра пелагониските фудбалски легенди. Ветераните на Пелистер и Победа попладнево одиграа прекрасна ревија во чест на навивачот Шундовски, човекот кој беше присутен на спортските настани во Битола и ги координираше посетителите на трибините.
Настанот кој ќе има и ракометен хепенинг е под покровителство на познатиот спортски работник, Трифун Костовски, во договор со Општина Битола и „Битолски весник“. Натпреварот заврши со нерешен резултат 2-2. Стрелци на головите за Пелистер беа Миленковски и Мицевски, а за Победа двата гола ги постигна Боров.
За ветераните на Победа на денешниот меч настапија:Мицевски, Маркоски, Илијоски, Крстески, Филипоски, Ќумбев, Стојковиќ, Николаевски, Б.Нацев, М.Нацев, Тодороски, Наумоски, Здравески, Боров и Рајатоски.
Ревијалниот меч е само еден од низата на кои поранешните, а некои од нив иако со повеќе килограми повеќе и денес се мајстори на зелениот терен, а годиниве наназад се дружат и натпреваруваат на терените и во салите на повеќе турнири.
Повеќе годишното ривалство на терен за сите нив денес е прераснато во спортско другарство и пријателство, што треба да претставува пример за сите млади генерации и не само спортисти!
Мате Шундовски е еден од зачетниците на спортското навивање во Македонија и особено во
Пелагонија. Покрај во неговата Битола честопати доаѓаше и во Прилеп диригирајќи со навивачите на натпреварите на Победа или РК Тутунски Комбинат. Со својот препознатлив стил-облечен како диригент или маѓионичар, со шешир и палка, Шундовски ја подигнуваше атмосферата застанувајќи пред трибините со гледачи давајќи сигнал за навивање и скандирање.
Извор: www.fkpobeda.mk