5.4 C
Прилеп
петок, 15 ноември, 2024
Пела Радио

Прилеп доби копија во мермер и реплика од орденот „Народен Херој“

На свечен начин, во општинската зграда, денеска беше откриена репликата во мермерна плоча на орденот „Народен Херој“, што на 7. Мај 1975 година Претседателот на тогашната СФРЈ, Маршалот Јосип Броз Тито му го додели на Прилеп, а кој што подоцна беше украден. Копијата ќе остане во зградата на Општина Прилеп да потсетува на историската улога на градот во НОВ.

Репликата од орденот „Народен Херој“ после 25 години, од денес ќе ги краси просториите на Меморијалниот музеј „11.Октомври“. На свеченоста, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски орденот му го предаде на директорот на НУ Завод и Музеј – Прилеп, Благоја Атанасоски.

„ Сите треба да бидеме задоволни и горди од тоа што Прилеп го направи за време на антифашистичката револуција, но и затоа што и после ослободувањето Прилеп даде многу свои дејци во општественополитичкиот, културниот, економскиот и спортскиот живот. Прилеп и понатаму ќе биде присутен на сите полиња, затоа што го знаеме патот и сето она што треба да го направиме за остварување на целта, а тоа е влез на нашата држава во ЕУ и НАТО. Нека ни е вечен 11.Октомври и нека ни е вечен орденот „Народен Херој“, изјави во во своето обраќање градоначалникот Јованоски.

Иницијатива за изработка на реплика на орденот започна од градоначалникот Јованоски, како и од Сојузот на борци Прилеп.
„На негова иницијатива ние покренавме активности да направиме две копии од орденот. Едниот примерок ќе биде во просториите на локалната самоуправа, другиот во Участокот. Неговото место ќе биде покрај бистата на Јосип Броз Тито, која ние повторно ја вративме во концепциската поставка и која го доби местото кое го заслужува“, нагласи Атанасоски, дир. на НУ Завод и Музеј – Прилеп.

Од името на Општинскиот одбор на Сојузот на борци и продолжувачи – Прилеп, претседателот Круме Соколски го поздрави свечениот чин, и на таков начин зачувување на дел од славната историја на Прилеп.

„Прилеп заслужува еден ваков орден, затоа што Прилеп е револуционерен град, бунтовен и непокорен град, кој секогаш се борел против разните ропства кои биле присутни на оваа територија. Прилеп бил расадник на револуционери, на обласни раководители, а и раководители на ниво на државата. Ова нека биде вековито, бидејќи Прилеп заслужува ваква почит, и порано, и сега и во иднина“, истакна Соколоски.
Една копија на орденот ќе биде поставена во меморијалниот музеј „11 Октомври“, а репликата во мермер ќе се наоѓа во холот на општинската зграда.
Инаку, орден за град херој покрај Прилеп, во поранешна Југославија биле доделени уште на 7 градови низ заедничката држава.

Зошто токму Прилеп го заслужи високото признание кое му го додели Претседателот на поранешната држава, Јосип Броз Тито? За историските причини говореше Рубин Белчески, историчар, кој потенцира дека е задоволство, но истовремено и одговорност да се зборува за историјата на Прилеп.

Првиот востанички истрел кој бил испукан во Прилеп на 11.Октомври пред 77 години, не претставувал само симболичен чин, туку автентично сведоштво за определбата на македонскиот народ да се истрае на балканската ветрометина, а во исто време да се биде на победничката страна, на страната на антифашистичката револуција, до последниот ден на победата над фашизмот. Прилеп во НОБ дал многу: 8.000 прилепчани биле учесници во НОБ, од кои 2.700 директно со оружје во рака. Прилеп даде и 650 жртви, 15 Народни херои, а 154 се носители на Партизанска споменица, меѓу кои и 33 жени. Во оваа прилика сакам да го потенцирам значењето и улогата на жената-борец, која рамо до рамо со мажите учествувала како во позадинските задачи, така и во борбените едници на НОВ на Македонија, истакна историчарот Белчески.

Покрај претставници на општествениот и политичкиот живот на градот, на свечениот чин присуствуваа и поранешните градоначалници на Прилеп, Илија Димоски и Сашо Пирганоски.

Би можело да ве интересира

Голбол спорт за слепи лица се одржа во салата на ООУ Кире Гаврилоски -Јане

Пела Редакција

Авто Контрол од утре,11 ти февруари, недела, ќе доделува НМК налепници

Пела Редакција

Состојбата во Прилеп алармантна и крајно загрижувачка

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе