Започна потпишувањето на договорите за мерката „Помош за млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“. Финансиската поддршка за оваа мерка е до 10.000 евра во форма на грант. Вкупно треба да се потпишат 102 договори.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, посочи дека проекти и бизнис планови од млади земјоделци има во сите региони, проектите се од различни области.
„Сретствата се неповратен грант а со овие пари апликантите ќе набават: сенопревртувачи, машина за нижење на тутун, млин за сточна храна, машина за извлекување на коски од сува цреша, комплетна опрема за пчеларство, собирач за лешници, апарат за тресење на сливи“, изјави директорот Бабовски.
Инаку, на само двата повика за млади земјоделци објавени досега, склучени се 526 договори за инвестиции. Со последните измени на Законот за земјоделство и рурален развој, финансиската поддршка за новиот оглас што ќе се објави следната година, се зголемува на 20.000 евра.