Последните врнежи од снег, кои во Пелагонија достигнаа од 30 до 40 см снег, а на планините и повеќе, и наглото топење во текот на денот, предизвикаа најголемата хидроакумулација Прилепското вештачко езеро „жедно“ да ги прибира потребните количества од вода.
По ланската суша и целосното празнење поради неопходните технички интервенции за санација на главниот вентил на браната од хидроакумулацијата, ова се деновите кога Прилепското езеро ќе обезбеди доволно вода за наводнување на земјоделските површини.
Во моментов има 1 800 000 м3 вода, се очекува деновиве нивото да достигне до 2 милиони м3 вода, што претставува една третина од вкупниот капацитет, велат од Водостопанство „Прилепско поле“.
Вкупниот капацитет на вештачкото езеро е 6 милиони метри кубни вода во идеални хидролошки услови. Ланската сезона за наводнување беше прикината на почетокот од септември, а во текот на производната земјоделска реколта едвај се обезбедуваа потребните количества вода за наводнување.
Водостопанство „Прилепско поле“ во просек годишно склучува околу 2400 до 2500 договори за наводнување со кооперантите, а со тутунското расадопроизводство практично е започната сезоната за годинава. Врнежите од снег, и најавените врнежи од дожд за време на викендот ќе бидат добредојдени за земјоделците,корисници на услугите на прилепското Водостопанство. УХМР за деновиве најавува: променливо облачно време, со повремени локални врнежи од дожд и снег на планините.