Општина Крушево во рамки на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) ќе ангажира осум (8) лица кои ќе бидат задолжени да помагаат на стари и изнемоштени лица, социјални случаеви и сите оние кои имаат потреба од набавка на неопходни производи и услуги. Покрај ова, УНДП за волонтерите обезбеди и соодветна заштитна опрема.
Општината и УНДП потпишаа договор во рамки на проектот „Креирање можности за работа за сите“ што всушност претставува реангажирање на лица во сервисот за поддршка на стари и изнемоштени лица, лица со попреченост и други ранливи категории на лица во општина Крушево, како одговор на справување со пандемијата предизвикана од корона вирусот во општините во кои претходно се спроведуваше оваа услуга во рамките на програмата за општо корисна работа.
Телефонските броеви на кои граѓаните можат да побараат помош се следниве:
048/ 476 493 и 193 – ТППЕ Крушево (Достапни 24/7)
048/ 477 061 и 048/477 046 – Општина Крушево (Секој работен ден до 13:30ч.)
071-379-920 – ОО Црвен Крст Крушево (Секој работен ден до 12ч.)
„Ова е уште една мерка во низата за справување со корона вирусот. Овие лица ќе помагаат на тие на кои им е најмногу потребна помош во овие моменти. Ние, набавивме сопствена заштитна опрема и истата ја распоредивме по институциите и граѓаните кои најмногу се изложени на опасноста од вирусот. Ги повикувам граѓаните да ги почитуваат мерките и час поскоро да се справиме со овој вирус“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Претходно, општина Крушево набави заштитна опрема, а од вчера, 06.04.2020г., дополнително се засилија мерките со поставување на полициски пунктови на влезовите во градот, се засилуваат контролите во населените места, се продолжува со дезинфицирање и други мерки кои Општинскиот штаб за заштита и спасување и општина Крушево ги презедоа за спречување на ширење на корона вирусот.
Во текот на вчерашниот ден, исто така, беа доделени заштитни маски за повеќекратна употреба на припадниците на Армијата од Крушево.