Раздвижено во детската градинка во населбата Бончејца. Вработените се подготвуваат за почеток со работа. Се уредува тревникот, просториите се проветруваат, се чистат, а денеска заврши и дводневниот скрининг процес во градинките ЈОУДГ „Наша иднина“
Прилеп. Вкупно беа тестирани 180 вработени од 10 работни единици во градот и објектите од населените места. Прилепските градинки се подготвени за почеток со работа, вели директорот Орце Тодоровски .
– Нашата установа е подготвена и во овој временски период го очекуваме протоколот кој треба да пристигне од ресорното министерство прилагоден на настанатата состојба. Кои се разликите од досегашното работење? Новиот начин на работа (протоколот) се однесува најмногу на тоа што децата треба да бидат 90 отсто од времето надвор, така што само мал дел од времето ќе бидат внатре, за престој во градинката, и тоа само за спиење, за доручек и за ручек, вели Тодоровски.
Радио Пела: Вие направивте првично една анкета, за тоа кои родители би сакале децата да продолжат да престојуваат во градинка. Половината од родителите се изјаснија позитивно. Бидејќи ќе работите со редуциран капацитет, на каков начин тоа ќе се организира зашто според најавите ќе биде редуциран бројот само на 10 деца во група?
– Досега имавме 1 500 деца во ЈОУДГ „Наша иднина“ Прилеп. По извршената анкета дознавме дека 606 родители се изјаснија дека сакаат да продолжат да ги носат децата во градинка. Ова е ново и за нас, за вработените, за родителите. Од соседните земји гледајќи го протоколот, има можност децата да бидат што може повеќе надвор. Освен тоа, има посебен протокол за тоа како ќе се организира спиењето. Секое дете ќе спие на растојание од 1, 5 метар од своите другарчиња. Приемот на децата ќе се врши со редовна проверка со бесконтактен термометар. За таа цел очекуваме од Министерството за труд и социјална политика да добиеме бесконтактни термометри како донација. Строго ќе се регулира приемот на децата при што воспитувачките ќе го применуваат протоколот со мерење на телесната температура на децата при влезот во градинките. Доколку детето има повисока температура ќе се враќа назад дома.
Направена е дезинфекција од страна на општинскиот кризен штаб, но ние реализираме и редовни дезинфекции. Целиот технички персонал е ангажиран за редовно одржување на хигиената, на проветрување на објектот, се одржуваат парковите површини.
Со еден збор прилепските градинки се подготвени за старт, се чекаат само протоколите за новиот начин на работа што ќе го одредат максималниот капацитет на групите. Според најавите на министерот за здравство Венко Филипче тоа би било од 15 ти јуни.
Резултатите од скринингот на вработените во градинките во ЈОУДГ „Наша иднина“, како и од вработените од јавните општински установи од Крушево, Македонски Брод и Кривогаштани се очекува да бидат од 24 до 48 часа по завршување на тестирањето, односно во текот на наредната недела.
До конечниот збор што треба да го даде Комисијата за заразни болести, министерствата за здравство и за социјална политика, градинките ќе останат на исчекување, без детски џагор, но спремни да ги примат децата, кои што пак ќе мора да се прилагодуваат кон нови правила, на игра, на однесување, учење и одмарање.