4.9 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Сојузот на земјоделски здруженија бара да се интензивира откупот и да не се склучуваат договори за новата реколта

Тутунарите ги чека нова реколта, а сеуште не е во целост преземена ланската. Неизвесноста околу откупот продолжува затоа што нема заинтересираност да се откупи договореното производство, вишокот, а во исто време има најави дека одредени компании прават списоци за договори за новата тутунска реколта. Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија по денешното собрание во Прилеп донесе заклучоци со кои што упатуваат барања и апел до откупувачите и ресорното министерство.

– Нашите пресметки за вишокот тутун се од 2000 до 2500 тони и очекуваме да не остане ниту килограм вишок тутун, доколку откупувачите го исполнат ветеното. Но, ветија дека ќе достават и картонска амбалажа. Ги повикуваме откупувачите од понеделник да почнат да делат картонска амбалажа и  вишокот да се преземи, барем, до крајот на законскиот рок на откупот, 28 февруари, а не да остане и ситуацијата да се развлекува. Некои фирми уште во текот на вчерашниот ден почнаа да преземаат вишок тутун, но првата берба и четвртата класа им ги враќаат и не им ги земаат. Го земаат само поквалитетниот тутун, а рекоа дека ќе го откупуваат вишокот, без разлика на берби. Бараме од понеделник да не се затворат пунктовите, вишокот тутун да се преземе што може побрзо, рече Менде Стомнароски, претседател на Сојузот, организацијата која е легитимен претставник на тутунарите за актуелната реколта.

Паралелно, од Сојузот апелираат дека пред да се дооткупи производството и без потребните измени во Правилникот не треба да се склучуваат договори за новата реколта, за што како што велат потребен е дијалог.

Во новиот Правилник бараме: тутунот да се цени во три класи (прва, втора и трета), четвртата да биде збирна класа. Во првата класа да влезе и горниот среден лист, или поинаку речено третата берба со листовите до 16 сантиметри, а подбирот да биде во третата класа, а четвртата да биде збирна во која ќе влезе се што е оштетено, за да нема проблеми како годинава кога се ценеше според шифри. Со измените на Правилникот предлагаме и одбитокот да се проценува според класите: за првата да биде 1 насто, за втората 2, а за третата класа 3 насто, или вкупно за сите класи да не биде поголемо од 4 проценти. освен тоа, бараме и зголемување на цената по класи: за прва да биде 280, за втората 22, за третата класа цената да биде 170 денари, а четвртата, збирната класа да биде 90 денари за килограм. Сите компании кои ќе откупуваат да имаат исти цени за да не се создадат проблеми повторно, вели Стомнароски.

Од Сојузот најавуваат дека за овие барања и измени на Правилникот јавната дебата ќе се одржи во Прилеп на 28 февруари. Најкритично е во долненско каде според Муса Ибраимоски од здружението „Златен лист“ се затвораат пунктови од одредени откупувачи, иако за откуп има 1 милион и 500 илјади кгр, од кои половината е со договор. Воедно, како што истакна тој, се прави и селекција при откупот, при што не се преземаат долните берби.

Досега во Македонија се откупени околу 23 милиони кгр тутун, што е речиси исто со договорените количества.

Би можело да ве интересира

Полицијата апелира да не се палат стрништа, поднесени 8 кривични пријави

Гордана Цветаноска

Прилеп повеќе, Крушево за половина помалку, вработени и ангажирани во локалната самоуправа

Елизабета Филипоска

(ВИДЕО) ЈКП Водовод и канализација Прилеп: Водата поскапува за 17,9 %

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе