7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Богоја Бојчески – човекот кој го овековечи времето во Кривогаштани

Секоја генерација си има свои современици кои на свој начин се грижат да остават печат на времето кое што за нив претставува незаборав. Така впрочем се гради и историјата… на локалната заедница, на регионот, и на државата. Таков е примерот на Богоја Бојчески, фотограф, кој што неуморно и со многу љубов создавал цела архива која што ќе сведочи за еден период, за едно време, за активности и манифестации што ја отсликувале локалната заедница на Кривогаштани и околните села во регионот. Неговите почитувачи велат дека не смее да се дозволи она што го создал Бојчески да падне во рацете на заборавот, на небиднината. Затоа, по повод 70 години од раѓањето и една година од смртта на Богоја Бојчески во Кривогаштани е формирано здружение на граѓани (приватен фото-архив) кој ќе го носи неговото име.Приватниот фото-архив трајно ќе ја згрижи, дигитализира и афирмира фотографската оставнина на Богоја Бојчески кој неколку децении беше единствениот професионален фотограф во Кривогаштани и околината.

Иницијативата е покрената од неколку пријатели и соработници на Богоја Бојчески како и членовите на неговото семејство. Здружението ќе биде независна културна сцена со непрофитен карактер и ќе се стреми да ги негува сеќавањето и времето од незаборав и да го зајакне културно-уметничкиот живот во општината Кривогаштани.

„Пред точно една година кривогаштанци се простија од најпродуктивниот фотограф кој повеќе од половина век го одбележа времето и животот во Кривогаштани, но кривогаштанци не смеат да се простат од него засекогаш. Кривогаштанци не смеат до дозволат нашите родители да „умрат двапати“ – овојпат и од нашите сеќавања.“ – истакна проф. Георги Гоце Дуртаноски, иницијатор за основање на здружението, современик и пријател на Богоја Бојчески. 

Богоја Бојчески со фотографија се бавеше повеќе од половина век, од својата рана младост до крајот на својот живот. Преку неговиот објектив и фото-студиото „ Светлост„ тој овековечи бројни културни манифестации, семејни веселби и сцени од секојдневниот живот на Кривогаштанци. Нема семејство во Кривогаштани кое не поседува фотографија направена од Богоја Бојчески со што тој си обезбеди свој простор на македонската фотографска сцена (#Camera Macedonica). Беше еден од коавторите во публикацијата „Кривогаштани“ издадена во 1980 година. Богоја Бојчески, по кратко боледување почина на 26. февруари 2020 година во Кривогаштани и погребан е на 27. февруари на гробиштата  од црквата Св.Никола во Кривогаштани.

Бидејќи пандемијата со корона-вирусот ги помести сите активности за организирање на изложба на фотографии по повод 70 години од неговото раѓањето, иницијаторите ги одложуваат сите активности кога ќе се овозможат услови за тоа.

Иницијативата е поддржана од Фото сојузот на Македонија, Пензионерското друштво од Кривогаштани и од неговите бројни пријатели-сограѓани.

Би можело да ве интересира

Старци низ транзицијата – Што НИ се случи?!

Елизабета Филипоска

ИН МЕМОРИАМ : Почина актерот Трајче Иваноски

Елизабета Филипоска

Прилепските матуранти традиционално со песна и тапани во центарот на градот ја прославија својата матура ( ВИДЕО +ФОТО )

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе