11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Од полноќ изборен молк пред вториот круг од локалните избори

Изборната кампања за вториот круг од Локалните избори трае до 24:00 часот на 29 октомври 2021 година. Од 30 октомври заклучно со 19:00 часот на 31 октомври важат правилата за изборен молк. Државната изборна комисија (ДИК) денеска донесе препораки и мерки за избирачките одбори за забрзување на постапката за гласање на граѓаните, имајќи ги предвид искуствата од првиот круг на локалните избори. Членовите на ДИК апелираат до политичките партии и кандидатите доследно да го почитуваат Изборниот законик и изборниот молк, а ги повикаа сите граѓани да излезат на гласање, потенцирајќи дека гласањето е тајно, гласачките ливчиња се заштитени со најсовремени технологии и не е можно на ниеден начин да бидат злоупотребени.

Во вториот круг од Локалните избори, што ќе се одржи в недела на 31 октомври 2021 година, ќе се гласа за градоначалник во 44 општини.  Право на глас имаат 1.353.990 избирачи на 2.481 избирачко место. Повторување на гласањето за градоначалник и за совет ќе има на едно избирачко место (0543) во Дебар, а ќе се прегласува и на избирачко место 2957/1 во Шуто Оризари за членови на совет. Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места за гласањето од првиот круг на изборите на 17 октомври.

В недела нема да има гласање за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, бидејќи во првиот круг од изборите не беше исполнет законскиот цензус на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Во овие општини се избрани членови на советот бидејќи за нив не е потребен цензус.

Гласањето почнува во сабота кога се изјаснуваат болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, а според податоците на ДИК и 1409 затвореници, 266 лица во 13 старски домови и шест внатрешно раселени лица.

Првпат на локалните избори се применуваат терминали за биометриска идентификација на гласачите, а ќе се применуваат и општите мерки за заштита од ковид-19.

ДИК информираше дека во секое училиште во кое ќе се гласа ќе има еден човек од техничка поддршка за да им помага на избирачките одбори, за да не се повторат проблемите со апаратите за читање отпечатоци од првиот круг, а во таа насока е и поедноставувањето на постапката за идентификација.

Од МВР информираа дека во сабота и недела управните служби ќе работат во општините каде што ќе има гласање во втор круг со цел да им се излезе  во пресрет на граѓаните да може да ги подигнат личните карти.

Во канцеларијата на Народниoт правобранител во недела (31 октомври) во периодот од 7 до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија: 0800-54321, на којашто граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право. Отворени за граѓаните ќе бидат и подрачните канцелари на народниот правобранител во: Битола, Кичево, Куманово, Штип, Струмица во Тетово со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.

Во првиот круг од гласањето, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалнички места, СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ освоија 9, а ДУИ 2.

Би можело да ве интересира

Благодатниот оган слезе во Ерусалим! Христос воскресе!

Поради пандемијата сметководителите бараат одложување на роковите. Ако нема одговор ќе организираат протест

Елизабета Филипоска

Земал пари од касата на ЈКП Комуналец, но и ги враќал – кривична за екс директорот!

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе