Во периодот од 10-20 август 2022 година беше реализирана Експедицијата SKALAR 2022 на планината Канин во Словенија. Главната цел на Експедицијата SKALAR 2022 е да ги истражи продолжувањата кон пештерата Мала Бока. Со можната врска помеѓу пропаста Скаларјево Брезно и пештерскиот систем Мала Бока – BC4, таа би била длабока околу -1900 метри. Ова би била најдлабоката пештера – пропаст во Европа !!!
Спелеологот Дарко Неданоски зеде учество на Експедиција SKALAR 2022. И најважно, со успешната реализација на оваа Експедиција, Дарко Неданоски, како единствен македонски спелеолог ја имаше честа да учествува во откривањето на најдлабоката пештера-пропаст во Европа, а воедно и постигнување на нов личен и државен рекорд за спуштање во длабочина на -1200метри, што значи дека Македонија за прв пат во историјата на македонската спелеологија ќе биде запишана во книгата на рекорди. Огромно задоволство, чест и гордост за нашата држава е да се промовира во светски рамки низ еден ваков подвиг.
„Огромна чест и задоволство ми претставува да ви соопштам дека Македонија официјално за прв пат во историјата на македонската спелеологија се наоѓа во книигата на рекорди. После 6 денови поминати во мрак, влага, ниски температури и екстремно тешки услови за работа ја завршивме една од попредизвикувачките, ако не и најпредизвикувачката експедиција од сите во моето досегашно искуство во подземниот свет со која успеав да поставам и нов државен рекорд како единствен Македонец, спелеолог, кој се спушти на – 1.200 метри под земја“, вели Дарко Неданоски, претседател на Спелеолошката федерација на Македонија.
Неуморниот Дарко Неданоски, млад човек, истражител, со неизмерна љубов кон екстрамните спортови и науката
Дарко Неданоски е добро познат кај прилепчани. Тој е Претседател на Спелеолошка Федерација на Македонија Прилеп “Се’ за науката!” Добро позната реченица за секој љубител на спелеолошкото богатство во Македонија. А кога ќе се спомнат пештерските експедиции, пропасти, јами, таму е и Дарко Неданоски и сите негови подвизи во македонската и светска спелеологија низ годините. Истражител, со преку 20 годишно искуство во оваа област. Страствен планинар, спасител и љубител на екстремните спортови кој првите планинарски чекори ги направил во раното детство како член на најстариот планинарски клуб Златоврв, Прилеп. Почетоците и запознавањето со спелеологијата ги имаше уште во 2005 година, со првото официјално влегување во пештера, а понатаму станува член на Спелеолошки клуб Златоврв Прилеп од самото основање на клубот.
Во 2016 година се случува и поставува државен рекорд од – 844м во Словачка Јама на Северен Велебит во Хрватска. Бидејќи рекордот беше предизвик да се постигне нов, не многу подоцна во 2017 година го достигнува и најголемиот рекорд во историјата на македонската спелеологија со – 950 м под земја и 4 дена без дневна светлина во Словачка јама. Сите овие подвизи се само резултат на огромен број експедиции, обуки, семинари и конгреси ширум Европа како и неговата огромна љубов кон спелеологијата. Веќе во 2020 година застанува на чело на Спелеолошката Федерација на Македонија која е национална организација и ја сочинуваат клубови за спелеологија заради остварување и усогласување на своите заеднички цели и интереси и заради вршење на дејности и активности во спелеологијата. Организира и поддржува систем на експедиции, кампови, семинари и курсеви. Овозможува развој и осамостојување на спелеологијата како спорт и интердисциплинарна наука во сите нејзини гранки во нашата држава. Спелеолошка федерација на Македонија, согласно Решение издадено од Агенција за млади и спорт ги исполнува условите од чл.11 од Законот за спорт и може да врши спелеолошка дејност. Прво учество на Спелеолошка Федерација на Македонија на Конгресот за спасување во пештери, 2019 во Хрватска и со голем чекор од огромно значење за Федерацијата е вклучувањето во ECRA (Европската асоцијација за спасување во пештери) како полноправен член во 2021 година, што ветува многу интернационални проекти и можности за нови постигнувања. Тоа значи голем напредок и промоција за нашата земја како еднакви со останатите европските спасителни служби. Но, секако со влегување во членството на ECRA ние го добиваме и третото А+ што значи имаме служба за спасување во пештери без која не може да имаме државна служба за спасување бидејќи се потребни трите ААА+ тоа се Копно, Вода и Подземја. На овој начин се објаснува членството и значењето во ECRA на државните институции, и што добиваме и постигнуваме за нашата држава со ова членство.