Во прилепските стручни средношколски центри денеска беше раздвижено. Со цел да им се помогне на деветтоодделенците при електронското пријавување за упис во прва година во јавните средни училишта за учебната 2023-2024 година, секое училиште се екипираше дополнително, а така ќе биде и во текот на утрешниот ден кога до 15 часот, утре, 21 ви јуни завршува првиот рок за пријавување. Во СОУ „Орде Чопела“ Прилеп тимови од професорите беа на располагање за дополни информации и помош доколку децата или нивните родители немаат пристап до интернет, или едноставно не се во можност да ги скенираат потребните документи: свидетелства, извод и дипломи од државни и меѓународни натпревари.
Слично беше и во СОУ „Ѓорче Петров“ Прилеп, каде заинтересираноста за стручните образовни профили е голема, така што втора година по ред тим од училиштето е на располагање за деветтоодделенците и нивните родители на кои што им е потребна помош за да ги запазат роковите за упис :
И СОУ „Ристе Ристески Ричко“ Прилеп каде владее интересот за техничките занимања подготвено ги прими заинтересираните ученици:
Првото пријавување на учениците за упис во прва година во јавните средни училишта за учебната 2023-2024 година ќе заврши утре во 15 часот. Дотогаш ученците може да ги пополнуваат своите пријави (апликации). Потоа системот ќе биде затворен за онлајн-аплицирање од ученици, кое се спроведува преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.
Ранг-листата на запишани ученици ќе биде објавена на 22 јуни 2023 година на https://e-uslugi.mon.gov.mk и на интернет-страницата www.mon.gov.mk најдоцна до 9 часот.
Учениците потоа ќе треба да ја достават потребната документација до училиштата – на 22 јуни од 12 до 19 часот и на 23 јуни од 7 до 19 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето. Министерството за образование и наука соопшти дека пријавата за запишување е составен дел од апликацијата која е потребно да се пополни и да се испечати по објавување на ранг-листата.
Конечната ранг-листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 24 јуни најдоцна до 12 часот на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.
Второто пријавување на учениците овој месец е 27-28 јуни, ранг-листата на запишани ученици се објавува на 29 јуни, на 29 и 30 јуни е доставувањето на потребената документација до училиштата и на 1 јули 2023 е објавување на конечната ранг-листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места.