Прилепските пензионери денеска излегоа на протест и ја блокираа клучката на излезот на Прилеп, пред автопатот Прилеп-Битола. На протестот повторија дека не се откажуваат од своето барање за линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари, а преку Уставен суд ќе побараат промена на методологијата за пресметка на платите.
-Ние не отстапуваме од нашето барање за линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите, и тоа за 3.500 денари. ќе бидеме единствени, сплотени и не се откажуваме. Инаку, со предлозите на министерката за труд и социјална политика не се солгласуваме. Ние повеќепати баравме во таа комисија да има претставници од иницијативните одбори на пензионерите за разгледување на нашите барања, но не се случува тоа, изјави Верче Јанческа од Иницијативниот одбор на прилепските пензионери.
Пензионерите се револтирани дека сите се оглушуваат од нивните барања.
На протестот од иницијативниот одбор ги поканиле и прилепските пратеници, но се единствено одзвал пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ, кој изјави дека Владата и институциите треба да пронајдат соодветно решение за проблемите, а со тоа да биде вклучена и опозицијата.
Извор: МИА