Градоначалникот на Прилеп ,Борче Јовчески упати апел до Министерството за транспорт и врски да ја почитува динамиката на работа на улицата „Леце Котески„ :
– Реакциите на граѓаните и бизнис секторот во однос на „Реконструкцијата на улицата Леце Котески“ се комплетно оправдани, но јавноста мора да знае дека адресата на која што стигнуваат ваквите реакции е погрешна, затоа што Општина. Прилеп не е ниту инвеститор ниту изведувач ниту пак надзор на овој проект.
Станува збор за проект за поврзување на локални патишта, финансиран од Меѓународна банка за обнова и развој-Светска банка, имплементиран од страна на Министерството за транспорт и врски а се спроведува од изведувач кој што по пат на тендерирање го имаат одбрано од истото Министерство.
Што се однесува до нашите обврски како Локална самоуправа на Општина Прилеп кои што се вклучени и во договорот кој што го потпишавме со Министерството, сакам да ја известам јавноста дека ја имаме доставено комплетната проектна документација, заедно со основниот проект, сите потребни извештаи, дозволи, потврди и сообраќаен режим.
Морам да истакнам за оваа улица која го поврзува нашиот град со соседните општини Крушево и Кривогаштани, дека наша обврска меѓу другото е да изразиме загриженост и да ги поддржиме нашите сограѓани во нивните оправдани реакции и барања, за што е можно побрзо завршување на овој проект од витално значење за Прилеп и прилепчани.
Денес сме тука на лице место и го слушнавме локалното население и дел од стопанствениците кои што имаат тука и производствени погони. Ставот на сите е дека движењето и транзитот на оваа улица се веќе неподносливо отежнати, дека трпат големи штети и по бизнисите и по своите возила, и дека ваквиот хаос временски се провлекува веќе неколку месеци. Токму затоа е и оваа реакција упатена кон Министерството, кон изведувачот и кон надзорот: Упатуваме апел да се води грижа за динамиката на работа на самата улица и етапно да се обезбедуваат поволни услови за движење на граѓаните и на возилата.
Во спротивно, ваквата незаинтересираност остава оправдан сомнеж дека работата можеби намерно се пролонгира, како би се создал што е можно поголем револт, кој свесно се насочува на погрешна врата, во случајот кон локалната власт, наместо кон централната.
Нашиот град и нашите сограѓани дефинитивно заслужуваат побрзо решавање на овој „горлив проблем“ што негативно се одразува врз нормалното секојдневно функционирање на прилепчани, а станува збор за една од најфреквентните улици во Прилеп.
Јас како градоначалник имам обврска да се грижам за сите наши сограѓани и за стопанството во нашата општина, затоа ги вложувам сите мои напори, а тоа ќе го правам и во иднина со цел Министерството да ги испочитува, ветувањата, роковите и динамиката за реализација, и заедно со Вас граѓаните ќе дејствуваме оваа сообраќајна артерија на градот да биде што побрзо во целосна функција.“ -реќе тоја