Со положување свежо цвеќе и наклон пред спомениците и спомен обележјата на прилепските борци и херои, Методија Андонов Ченто, на Кузман Јосифоски -Питу, на Могилата на непобедените, на спомен-обележјето на Песјобрдце, делегации од општина Прилеп, од Сојузот на борци, од политичките партии, им оддадоа почит на хероите. Прилеп, градот херој денеска одбележува 79 години од Денот на конечното ослободување од фашистичките окупатори 3 ти Ноември. Чествувањата започнаа претпладнево, а беа збогатени и со спортско- културни манифестации: од 10 часот започна државно првенство во пинг – понг за средни училишта, а во 11 часот се одржа Ликовен хепенинг на Ротари клуб Прилеп. „Прилеп се сака со дела,“ меѓу другото посочи градоначалникот Јовчески:
„Нека ни е честит 3 ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп. Точно од Могилата на непобедените каде почиваат останките на нашите загинати херои од Втората светска војна. Тие го покажаа она најважното тоа е пожртвувано да се изборат за слободна и самостојна Република Македонија во која ги уживаме сите благодети. Ова е уште еден аманет кој што ни го оставаат на новите генерации како се почитува и како се признава и оддава почит на нашата земја. Во ова ова време, односно невреме каде што сме изложени на сите предизвици и кризи, ние треба сплотено да покажеме како да се справиме со она зло кое што не’ има нападнато. Јас како градоначалник и локалната самоуправа максимално сме вложени со проекти и активности, еве во непосредна близина имаме дел од проектот за рехабилитација на улиците во нашиот град, конкретно на влезот на Прилеп од Битола каде активностите максимално и со една забрзана динамика ќе продолжат. Ова е само половина од тој проект, од оние улици кои што 30 – 40 години не беа чепнати, односно беа изложени на градежно расфрлање. Сепак успеавме овие 12 километри да ги асфалтираме и со истото темпо продолжуваме понатаму. Ова е само дел од сите активности и ветуваме дека со нашите идни проекти кои веќе со завршетокот на оваа градежна сезона и почетокот на идната година ќе ги реализираме сите замислени проекти, посочи градоначалникот Борче Јовчески.
Тридневните празнувања во чест на Денот на ослободувањето на Прилеп, се само најава за одбележувањето 80 години од конечното ослободување на градот. „Прилеп изгради држава и заслужува да биде во центарот на вниманието,“ посочи Дејан Проданоски, претседател на Советот на општината.
„Почитувани сограѓани ја користам приликата да ви го честитам 3 ти Ноември Денот на ослободувањето на Прилеп. Оваа година мислам дека сите сте добро запознати го развлековме празнувањето онака како што доликува и заслужува и во најава на големата годишнина 80 години од ослободувањето на Прилеп кое наредната година се чествува во Прилеп, наредната 2024 година. Почнуваме еден нов концепт, ново празнување на овој светол ден за Прилеп и прилепчани. Почнавме на 1ви ноември со хуманитарност, вчера продолживме со наука, еве денеска финишираме со положување цвеќе и оддавање почит на оние кои што ги изгубија животите за да го ослободат овој наш град. Како што кажа и градоначалникот да го наследиме и да го надградиме она што тие го започнаа, да го развиваме, да го градиме и да го осовременуваме овој град, затоа што тој навистина го заслужува. Почнувајќи од 40 тите години наваму, Прилеп изгради држава и заслужува да биде центарот на вниманието во Македонија. Ве поканувам вечер на завршната манифестација, тоа е изложба „Прилеп низ стари фотографии“ и да завршиме со свечената седница на која што ќе бидат доделени наградите на најзаслужните прилепчани кои што во изминатата година работеа и постигнаа за Прилеп и оние кои што животот го посветија и направија големи дела за Прилеп и прилепчани, рече Дејан Проданоски, претседател на Советот на општина Прилеп.
Изложбата „Прилеп низ стари фотографии“ ќе биде отворена вечерва од 18 часот во Центарот за култура Марко Цепенков, а свечената седница на Советот на општина Прилеп ќе се одржи во големата сала на Центарот за култура, почнувајќи од 19 часот. Од седницата ќе се реализира директен пренос на Јутјуб каналот на Општина Прилеп https://www.youtube.com/@opstinaprilep