5.3 C
Прилеп
вторник, 10 декември, 2024
Пела Радио

Интервју со Наташа Стојкоска: „Витаминка за мене е многу повеќе од професионална работна обврска и менаџерска позиција“

Наташа Стојкоска на работната позиција во Витаминка е седумнаесет години, а на менаџерската нешто повеќе од десет. „Откако паметам за себе ме водела амбициозноста и одлучноста да го постигнам она што го сакам. Отсекогаш сум имала јасна визија што сакам, што сакам да учам и да работам, што да биде моја преокупација.“-вели таа
Токму со таа визија и јасни цели, го завршува Економскиот факултет, по што не губи ниту еден момент пред да се впушти во вистински професионален ангажман, „што во тоа време го нарекував „мојата најголема авантура“.-вели таа. Секогаш фокусирана на целта без да подлегнува на разни дистракции што и помогнало во текот на студирањето, а и денес во нејзината секојдневна работа. Образовната основа, посветеноста и студиозноста, со која пристапува на секоја позиција се покажало како пресудна за нејзинот професионално профилирање. „Се стекнав со одлично, квалитетно образование, а денес со работа во компанија која што со своите стратешки цели ми овозможува да го применам сето она што го знам.“

Радио пела :По што се издвојува Вашиот работен анганжман во Витаминка, во што се состои работењето и спецификите? Што значи да се биде логистичар во една голема компанија како што е Витаминка?
Работењето во компанија како Витаминка значи натпревар со времето, со себеси и сопствените цели. Позицијата што Витаминка ја има на пазарот и статусот, ни наметнува да си поставуваме повисоки таргети и нормално во таа насока се движиме. Предизвик е да се одговори соодветно на задачите, да се постигнат поголеми резултати. Позицијата лидер на пазарот само се потврдува со тоа што со нашата работа, на дневна основа поставуваме нови стандарди на пазарот и истите ги надградуваме и поместуваме во позитивна насока, со цел до потрошувачите да доставиме што поквалитетен производ. Работењето тука значи да сте постојано посветени на тоа што го прави, значи да сакате да ја работите работата и да сакате да постигнете поголеми резултати. Значи да сте професионалец, во детали да го познавате домашниот но и регионалните пазари, странските, да ги знаете тенденциите и да имате способност да ги антиципирате движењата. Да имате познавања од се што е поврзано со прехранбената индустрија, од тоа како се одгледува едно растение, плод, што се користи, преку технологија на производство, па се до пазарни пресметки, извоз, цени, финансии. Сето тоа и уште повеќе е работата во Витаминка.

Радио Пела . Дел сте од најуспешните жени менаџерки. Во оценувањето на Марили вклучени се и резултатите во работењето и придонесот кон компанијата како и категоријата прифатени во својата работна средина и тоа не само од менаџмент тимот, туку и од сите вработени. Каква е работната атмосфера, важат ли принципите за тимска работа?
Во Витамина важат правилата за одговорност, отвореност и одлучност и секој се придржува кон нив, што од друга страна, е причина за доброто работење на компанијата. Секој пристапува одговорно и сериозно на своите обврски. А секако постои и отвореност кон тимот, кој секогаш е поттикнуван и мотивиран за иницијативност. Иако сум на менаџерска позиција, сепак во својата работа редовно се потпирам на тимот што го имам и со којшто работам. Досегашното искуство ме научи дека менаџерот во одговорноста е осамен, но во работата не е, што е позитивно. Во таа насока е и моето работно мото, да се сослушаат сите страни, предлози, иницијативи и идеи, а после тоа да се донесе одлука. И навистина, потребно е да се создаде тим во кој верувате и на којшто можете да се потпрете, затоа што вистинските резултати се постигнуваат заедно со тимот. Никој сам ништо не може да направи, па ни менаџерите. И секој добар менаџер мора првенствено да ги постави овие цели пред себе бидејќи само така тој ќе биде пример за вработените и ќе може и од нив да бара квалитетно да ги извршуваат своите обврски.

Радио Пела Како успешна менаџерка може да се справува со сите обврски што ги носи женскиот свет, жена, мајка, домаќинка и работа?
Успешна менаџерка, секаде менаџира и тоа е женскиот, мојот начин на справување со дневните обврски, задолженија и лични планови. Она што одамна го научив е дека една успешна и реализирана жена не мора да прави поделба на функциите што ги има во животот, односно секојдневието. Може подеднакво успешно да биде и менаџер и мајка и жена и нема потреба од жртви. Важно да сте свесни за сопствената моќ и влијание во моменталната улога што ја играте, да знаете што се очекува од вас и да настапите соодветно. И токму врз основа на ова ми е исполнето времето. Кога сум на работа, професионалниот ангажман, одговорноста што доаѓа со таа позиција, знаењето и искуството што ги имам, ме водат и тука нема простор за маневрирање. Додека сум со семејството, емоциите се тие што преовладуваат и го прават секој момент бесценет и вреден за целосно посветување, без резерва. После сето ова останува времето кое секоја жена треба да си го посвети на самата себе, дали тоа е социјализација, хоби, рекреација или некој креативен стимуланс и мислам дека токму во овие моменти жената се осознава себеси, своите потенцијали, желби, стремежи и цели.

Радио Пела: Што претставува за Вас оваа награда?
Задоволството што секоја награда го носи е неспорно. Наградата доаѓа како потврда за успешноста на работата и валоризација на целиот труд кој го вложувате на професионален план во компанијата во која работите. Од друга страна е и поттик и во иднина да продолжите да се давате себеси, да се надградувате и да напредувате во кариерата. Но оваа награда е посебно значајна бидејќи се работи за избор на најдобрите жени менаџери во Македонија. Жени кои успеале своите професионални обврски да ги усогласат и со својот приватен живот, како сопруги и мајки. Кои успеале да ги реализираат своите желби за напредување во кариерата, без притоа да трпи семејството. Дел од нив започнале свој бизнис, дел се на раководни позиции во големи компании. Но, на сите им е заедничко дека во она што го работат се успешни и дека покажуваат одлични резултати. Затоа е задоволство кога ќе добиете награда, бидејќи значи вреднување на вашиот труд, работа и ангажман. Значајна е и за Витаминка, бидејќи не можеш да бидеш успешен менаџер ако и компанијата каде работиш не е успешна. Истовремено, признанието од Марили за мене е и надворешна потврда дека во неа не се прави разлика меѓу машки и женски труд, туку дека единственото што се цени се знаењето, компетентноста, посветеноста и резултатите кои се остваруваат.

Радио Пела : Каде ја гледате Витаминка во наредните 10 години?
Витаминка за мене е многу повеќе од професионална работна обврска или менаџерска позиција. Оваа компанија е присутна во мојот живот откако знам за себе и тоа ја прави нераскинлив дел од моето секојдневие. Тоа ја прави и повредна за секој мој ангажман и вложување во нејзината иднина. Витаминка во својата стратегија има интегрирано механизам за континуиран развој. Стекнавме значајна позиција на пазарот и станавме лидер на истиот. Развојот на компанијата се движи со една забрзана динамика и мислам дека нема да има потреба да чекаме десет години за да посведочиме за уште многу поголеми успеси. Сигурна сум дека оваа растечка тенденција ќе продолжи. Позицијата лидер на пазарот само се потврдува со тоа што со нашата работа, на дневна основа поставуваме нови стандарди на пазарот и истите ги надградуваме и поместуваме во позитивна насока, со цел до потрошувачите да доставиме што поквалитетен производ. Моја основна и приоритетна задача е и понатаму ќе биде, на секој можен начин, со своето знаење, искуство, експертиза, со својот тим, да помогнам за сето тоа да се реализира во најдобрата можна форма и на највисоко ниво.

Би можело да ве интересира

Јовчески: да стоиме цврсто на браникот на татковината и да ги чуваме илинденските идеали

(Видео) Гужви пред вакциналниот пункт во Прилеп

Елизабета Филипоска

Вакцини против сезонскиот грип и за оздравените од КОВИД 19

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе