Обвинителка од Прилеп и нејзината ќерка биле мета на закани и демнење, за што е уапсено едно лице, кое претходно било осудувано за кривичното дело – Загрозување на сигурноста, а имало и други кривични пријави.
Судот определи 8-дневен притвор за маж кој преку социјалните мрежи упатувал закани кон обвинителка и нејзиното семејство.
Од Обвинителството поведоа постапка против лицето кое се сомничи за делата Полово вознемирување, Загрозување на сигурноста и Демнење.
„Во текот на ноември, осомничениот на својот Фејсбук профил во повеќе наврати поставувал текстуални објави и вклучувања во живо со кои се заканувал дека ќе нападне врз животот на основната јавна обвинителка на ОЈО Прилеп и членови на нејзиното најблиско семејство. Намерата му била да ја вознемири и да ја исплаши, а врз основа на пол, личен, семеен и општествен статус на оштетената како Јавен обвинител“, велат од Обвинителството.