11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

На денешен ден загинаа за Македонија Мирче Ацев, Страшо Пинџур и Орце Николов

Мирче Ацев – олицетворение на македонската борба 

Mакедонскиот национален херој Мирче Ацев,  на денешен ден 4 ти јануари 1943 година бил мачен и убиен од бугарските окупаторски власти. Мирче потекнува од фамилијата Ацеви (Симоновци) од селото Ореовец кај Прилеп, фамилија што можеби е една од најзначајните во поновата македонска историја. Во илинденскиот период, од оваа фамилија произлегле петнаесет знаменити македонски војводи и револуционери. Меѓу нив се прилепскиот војвода Мирче Ацев–Оровчанецот, кој загинал во борба против Османлиската Империја, како и неговите браќа – војводата Петар Ацев, кој бил резервен член на Главниот штаб во Илинденското востание, како и Ѓорѓи Ацев, исто така прилепски војвода, кој загинува во борбата против српската вооружена пропаганда во 1906 година. Затоа патот што го одбрал Мирче Ацев по окупацијата на Македонија од страна царска Бугарија во Втората светска војна не бил случаен, ниту пак изборот на неговата сестра Вера Ацева.
Мирче Ацев уште во почетокот на бугарската окупација се вклучува во македонското народноослободително движење. Неколку дена по нападот на нацистичка Германија врз Кралството Југославија, тој и Страшо Пинџур заминале за Кавадарци, а потоа Мирче преминал во Прилеп. По кратко време повторно се вратил на работа во Покраинскиот комитет во Скопје. Како инструктор на Покраинскиот комитет ги обиколил партиските организации во повеќе градови на Македонија. Од крајот на 1941 година до пролетта 1942 година престојувал во Битола. Иако во длабока илегалност, работел со организациите во Ресен и во Охрид. Во средби со напредни дејци и во писма, Мирче ја критикувал неактивноста на Покраинскиот комитет, што имало влијание врз промената на неговиот состав во пролетта 1942 година. Во јуни истата година тој станал привремен секретар на Покраинскиот комитет. Заедно со Кузман Јосифовски-Питу се залагал за примена на курсот за вооружена борба и пристапил кон формирање неколку нови партизански одреди во Македонија. Во овој период и неговата сестра Вера Ацева се вклучила во организирањето на првите прилепски партизански одреди.
Воден од слободарските идеали на неговите предци, како и од идеалот за борба против туѓите влијанија и интереси, на 30 ноември 1942 година испратил писмо до Љупчо Арсов, кој тогаш бил интерниран во царска Бугарија. Во споменатото писмо, Мирче Ацев ги опишува положбата на македонскиот народ, физичкиот терор, но и психолошките притисоци од ванчомихајловистичката групација предводена од Димитар Чкатров и Димитар Ѓузелов. Меѓу другото, во писмото се вели дека македонскиот народ јасно согледал кој е окупатор, а кое е ослободителното движење. Треба да се спомене дека писмото е пишувано на македонски јазик со избегнување на бугарските и српски букви, потврда за македонската национална свест на Мирче Ацев.
Заедно со Страшо Пинџур во септември 1942 година излегол на терен. Намерата им била да ги посетат партизанските одреди и партиските организации во Велешко и Прилепско. Сосема случајно бил уапсен на 19 декември 1942 во Велес, заедно со Страшо Пинџур. Биле пренесени во Скопски полициски затвор, каде што биле подложени на мачење и убиени. Откако веста за нивното убиство се проширила, македонските партизани и припадници на НОБ издале леток во кој, меѓу другото, се изразувале политичките и националните идеали на Македонците.

Во летокот исто така се вели: „На колку хиљади чесни Македонци им се дигна косата кога го видоа Мирчета во болничка мртвачница и во Прилеп кога го закопуваа со исечени прсти, со извадени нокти и искинато месо от коските. Македонските мајки, татковци и сестри виделе ногу свој синови и бракја мачени и утепани, но до ceгa вакви дзверски и нечовечно мачене немајат видено. Вака не мачеле ни турските јаничари, башибозлуци и крджалии како што мачат Хитлеровите и бугарски фашисти. Додека Пинджурот го скрија да не се гледаат неговите искршени коски, оти поучени от Мирчевиот случај, виде како за резилок стануват во очите на народот“.

Страхил Пинџур – првоборец и македонски народен херој

Бил еден од основачите и секретар на студентското друштво „Вардар“ во Белград и еден од основачите на МАНАПО и на Студентската колонија во Охрид, поради што бил прогонуван и апсен. По Априлската војна (1941), како член на Пленумот на ПК на КП во Македонија, дошол во судир со ставовите на Методија Шаторов-Шарло. Бил член на Покраинскиот воен штаб од септември 1941 година, кој потоа станува ГШ на НОВ и ПОМ, и член на ПК на КПЈ за Македонија од јануари 1942 година.
По смртта на неговиот татко на почетокот на Првата светска војна, во битката кај Криволак, неговата мајка се преселила во Неготино, па затоа за него се грижела неговата баба. Основно училиште завршил во селото Ваташа, а нижа гимназија во Кавадарци. По завршувањето на нижата гимназија, како сирак тој станал државен кадет во Крагуевац, каде што му пристапил на работничкото и комунистичко движење. Додека бил во Крагуевац учествувал во многу акции на работниците и младината, а потоа заминал за Белград каде што студирал на Правниот факултет.
Во 1934 година станал член на КПЈ, а во 1936 година како напреден студент бил член на Акциониот одбор на студентите на Белградскиот универзитет и на Покраинскиот одбор на македонските студенти. Тој е еден од основачите и секретар на студентското културно-просветното друштво „Вардар“ во Белград, како и еден од основачите на МАНАПО и на Студентската колонија во Охрид. Додека студирал станал близок пријател на Иво Лола Рибар, еден од организаторите на младинското и студентско револуционерно движење во предвоена Југославија. Во текот на 1938 година, Страшо Пинџур се обидел да замине за да се бори во интернационалните бригади во Шпанија. Но дошол до Прага и откако не успеал да фати врска се вратил во Белград.
По завршувањето на Правниот факултет, тој ја зголемил својата револуционерна дејност. Поради неговите активности бил прогонуван и апсен. Се вратил во Македонија и учествувал во обновата на работата на Комунистичката партија во Тиквешијата. По Априлската војна во 1941 година, како член на Пленумот на ПК на КП во Македонија, дошол во судир со ставовите на Методија Шаторов-Шарло. Страшо Пинџур од септември 1941 година бил член на Покраинскиот воен штаб, кој во јуни 1942 година прераснува во Главен штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија (ГШ на НОВ И ПОМ). Од јануари 1942 година бил член и на новоформираниот Покраински комитет на КПЈ за Македонија.
Во отсуство бил осуден, а на 18 декември 1942 година бил уапсен од бугарската полиција во Велес. По подолго мачење, Страшо Пинџур бил убиен на 4 јануари 1943 година во Скопскиот затвор, заедно со народниот херој Мирче Ацев. Страшо Пинџур и Мирче Ацев биле прогласени за народни херои на Југославија на 29 јули 1945 година.

 Орце Николов – македонскиот народен херој

Јордан Орце Николов (Скопје, 7 јануари 1916 – 4 јануари 1942) е еден од организаторите на работничкото движење во Скопје и член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Бил прогласен за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија што го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов-Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски-Карпош и Кузман Јосифовски-Питу).

Тој бил организатор на многу штрајкови во Скопје и во другите градови во Македонија. Се јавува како иницијатор и организатор и на други акции во предвоениот период, како што се: собирање помош и испраќање борци во Шпанија, организирање прослави по повод годишнината од Илинденското востание, организирање протести и демонстрации против окупацијата на Албанија од страна на фашистичка Италија. Во есента 1938 година, по негова иницијатива е организирана акција за запишување доброволци за одбрана на Чехословачка од нацистичка Германија.
Во ноември 1940 г. е испратен во затворот во Сремска Митровица, од каде што на 22 август 1941 година успева да побегне заедно со поголема група затвореници, меѓу кои се и Бане Андреев и Богоја Фотев. По бегството, му се приклучува на Фрушкогорскиот партизански одред, а на почетокот од октомври 1941 година оди во Ужице. Орце Николов таму добил задача да се пробие во Македонија, каде што се вршеа подготовки за создавање на првите партизански одреди. На 27 октомври, Николов со една група Македонци заминува за Македонија. Во првиот обид да ја премине границата, во декември 1941 година, не успеал и се вратил назад. При вториот обид, ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942 година, во пробивањето низ демаркационата линија, Орце Николов загинува при заседа на бугарскиот окупатор на планината Кукавица, кај селото Туба, во близината на Владичин Хан, Србија.

Би можело да ве интересира

Прв меморијален шаховски турнир “МАТ”, учествуваа над 120 шахисти

Гордана Цветаноска

ЈКП Водовод и канализација Прилеп: Нов режим за водоснабдување во Галичани и Кадино

Пела Редакција

Заврши гласањето за Претседателските избори

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе