Кај Селце и во две основни училишта во Прилеп ќе се одржат акции за пошумување и засадување на овошни и украсни садници на Денот на пролетта 21 ви март, четврток. Акцијата кај Селце ќе се одвива на опожарениот дел на планината Селечка, во близина на манастирот Св. Димитрија во с. Селце. Планирано е засадување на 2.000 садници кои ги обезбеди ОOУ „Кочо Рацин“ и компанијата „Тила“ од Прилеп, а ќе бидат вклучени сите деца од IV до IX одделение. Оваа еколошка акција е поттикната од деветгодишно дете, ученик во ООУ „Кочо Рацин“ , а се вклучуваат и Јавното претпријатие „Македонски шуми“ од Прилеп од каде вработени го подготвија теренот за пошумување, додека компанијата „Дар Дам градина“ од Прилеп се вклучува во едукацијата на децата низ процесот на пошумување. Превозот на учениците до локацијата го обезбедува ЈП за ПУП при Општина Прилеп.
Акции со засадување на овошни и украсни садници во дворовите на основните и средните училишта и во градинките организира Коалицијата за клима во рамките на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“. Двете акции ќе се реализираат во ист ден на 21 ви, четврток во ООУ „Кире Гаврилоски“, со почеток во 11 часот, а ќе продолжат во 12 часот во ООУ „Гоце Делчев“ Прилеп.
Наредниот ден 22 март 2024 година, петок, во 12 часот планирано е засадување во ООУ „Блаже Конески“ во Прилеп. Според организаторот, се очекува вакви акции за засадување на овошни и украсни садници да бидат спроведени и во други основни и средни училишта во Прилеп.