Државната изборна комисија (ДИК) вчера на јавна седница усвои вкупно четири приговори, односно го поништи гласањето на четири избирачки места за парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај.
ДИК прифати приговор на коалицијата „Вреди“ која се однесува на гласањето на избирачкото место 2102 во Желино. Во приговорот се наведува дека тој е поднесен бидејќи 110 гласачи кои го оствариле избирачкото право немале отпечаток од прст во уредот за отпечаток од прст, туку тие гласале само со матичен број и со скенирање на личната карта.
Државната изборна комисија усвои уште три приговори на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ за избирачките места 1272 во Охрид, како и на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево.
Приговорите во Крушево се усвоени поради тоа што не се совпаѓале бројките од записникот со тие од уредот за биометриска идентификација.
Според ДИК, по извршеното пребројување на избирачкото место 1272 во Охрид, било утврдено дека записникот не е правилно пополнет, како и дека имало и корекција во делот на гласачи внесени со рачен внес.
Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението, додека пак Управниот суд по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
До ДИК вкупно беа поднесени 27 приговори од политичките партии, девет од коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.