Здружението Центар за развој и едукација, Прилеп одбележа една година од воведувањето на новата услуга „Помош и нега во домот“ на територијата на општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени. На настанот присуствуваа градоначалниците од трите општини Борче Јовчески, Никола Мискоски и Урим Ибески, претставници од Министерството за труд и социјална политика, Регионалниот Центар за социјална работа Прилеп, негователите кои за оваа пригода како добри домаќинки приготвија традиционална храна. Услугата во која се вклучени 211 семејства во регионов се реализира со поддршка на Министерството за труд и социјална политика и Светска банка, а на листа на чекање се 60 семејства. Проектот дава позитивни резултати на задоволство на примателите на услугите при помош за лица во трето доба (над 65 годишна возраст), за лица со попреченост.
„Дел од корисниците живеат со семејства, а некои се сами. Потребата од оваа услуга е голема, затоа што сепак се тоа луѓе во поодминати години и реално сите имаат некакви здравствени проблеми. Семејствата им се вработени, па тие остануваат сами. Се нуди помош за примање на терапија, работи низ домот, подготовки на лесна храна, помош при облекување, соблекување, има случаеви каде што треба да се одржува лична хигиена, значи се’ она што е за подобрување на секојдневието, за начинот на живеење. Иако се тие стари луѓе, дошле на крајот од работниот век, а некои на крајот од животниот век. Ние сме тука за да им го олесниме начинот на живеење,“ вели Елизабета Ефтинџиоска Улиманова, негователка од село Славеј, општина Кривогаштани, вклучена од самиот почеток на проектот, која потврдува дека заинтересираноста за услугата е многу голема бидејќи младите се иселуваат и остануваат повозрасните кои се немоќни.
Проектот има двојна директна придобивка бидејќи негователите добиваат финансиска поддршка како плата, додека пак во првата година услугите за крајните корисници беа бесплатни. Она што треба да се обезбеди е трајно системско решение за грижа во домот во која би биле вклучени ресорното министерство во координација со општините бидејќи јасно е дека интересот за услугата „Помош и нега во домот“ доправа ќе се зголемува.
„Воспоставувањето на услугата и целиот овој процес навистина беше еден голем предизвик како за нас така и за општините и Центарот за социјална работа кои беа вклучени во процесот. Без придонес на сите релевантни институции оваа услуга не би имала одржлив процес. Ние нудиме помош на старите лица, лицата со намален функционален капацитет околу обавување на основните инструментални како што се облекување, соблекување, контрола на витални функции, земање на медицинска терапија, мобилност во домот, надворешна мобилност, купување на одредени продукти. Моментално имаме голем број на барања кои се листа на чекање. Добро би било да имаме поголем број на лица кои би работеле на услугата, а тоа се негователите. Се надеваме дека ќе имаме понатамошна поддршка од институциите за овој процес да биде одржлив,“ вели Драгана, координатор на проектот „Помош и нега во домот“.
Моментално на терен во трите општини работат 55 негователи со 211 корисници на услугата „Помош и нега во домот“ која се реализира преку Здружението Центар за развој и едукација Прилеп.