7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

„Маѓепсан круг“- театарска претстава за спречување на трговијата со луѓе

На 18 ти Октомври – Европски ден на борбата против трговија со луѓе ќе биде премиерно одиграна театарската претстава „Маѓепсан круг“ подготвена од  учениците  од драмската секција  „Слободно театарче“ при СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп. За целта,  идејата на  „театарска претстава“  како кампања за подигање на свеста кај локалната заедница за појавата на трговија со луѓе денеска се одржа прес конференција на која беше промовирана и радио драмата во рамките на проектот „Промени го мислењето – остани надвор од маѓепсаниот круг“ во реализација на Радио Пела со поддршка на ЕУ и Советот на Европа.

„ Целта на  театарската претстава реализирана од Радио Пела и драмската секција при СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, како дел од проектот „Зајакнување на акцијата против трговија со луѓе во Северна Македонија“  кој е дел од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан III и Турција “ има за цел подигнување на свеста во локалните заедници, препознавање, алармирање и попристапен начин на детектирање, превенирање и алармирање на појавата на принудни малолетнички  детски бракови , како посебна форма на трговија со луѓе. Драмата ќе биде прикажана и во Општина Крушево, Кривогаштани, Долнени и Битола, “ рече Елизабета Филипоска  од Радио Пела.

За предизвикот при подготовка на радио драмата и театарската претстава „Маѓепсан круг“ се осврна  Билјана Тинтоска, ментор, професорка во СОУ „Ѓорче Петров“ а во радио драмата и театарската претстава во улога на режисер и сценограф.

“Предизвикот беше голем, бидејќи во нашата средина, еве јас кај што предавам, навистина се случуваат такви малолетнички бракови. Работејќи на овој проект ние допревме подлабоко до овој проблем, преку ликовите што ги толкуваат децата. Кога разговаравме со текстописецот, Филип  Стојаноски, бевме инспирирани од личните исповеди кои ги слушнавме, документирани од Радио Пела. Радио драма прв пат работиме со „Слободно театарче“, истовремено и прв пат работиме на тематика поврзана со трагедија и со поимот трговија со луѓе, посочи Тинтоска, која на новинарско прашање како долгогодишен просветен работник и самата потврди дека низ годините појавата на малолетнички детски бракови е присутна, посочувајќи дека недоволното информирање и изгубената конекција со семејството се причинители за појавата.

Жанета Видеска – директорка на СОУ „Ѓорче Петров“- Прилеп, истакна дека радио драмата и аматерската театарска претстава се најновиот проект на училиштето на кои таа се гордее:

„Ние како училиште со оваа иницијатива  Маѓепсан круг, театарска претстава и радио драма, ќе го дадеме својот придонес во борбата против трговијата со луѓе и принудните детски бракови. Факт е дека ова е појава која што ни се случува, со која се соочуваме секојдневно, и појава за која  што многу малку се зборува. Поради тоа во соработка со Радио Пела, Канцеларијата на Советот на Европа – Скопје и ЕУ, по повод 18 октомври – Европскиот ден на борба против трговија со луѓе, одлучивме да  го организираме овој настан со кој што ќе апелираме за да ја подигнеме јавната свест кај локалната заедница за борбата против трговијата со луѓе и принудните детски бракови.“

Учениците вклучени во радио драмата и театарската претстава во најголем дел за прв пат се соочуваат со поимот „трговија со луѓе“ и со улоги, кои како што посочија се спротивност од нивните карактерни особини.

За мене и за сите нас, во драмската секција улогите се сосема спротивно од она што сме како личности. Контраст на нас самите. Јас толкувам улога на мајка  аргатка, која се обидува да ги прехрани своите деца и е присилена да бара решение. Јас себе си никогаш не  се замислував во таква улога, бидејќи самиот поим „трговија со луѓе “ за мене беше  непознат. Кога започнавме да ја работиме драмата, јас истражував, бидејќи сум љубопитна, со цел подобро да ја пренесам улогата. Ни беше захтевно, самите да успееме во она што сакаме да го пренесеме, бидејќи толкувавме улоги спротивни на нас. Претходно добивавме улоги слични на нашите карактери. Ова беше сосем различно. Се надевам дека ќе ви биде мило кога ќе ја гледате претставата, рече Исидора Николоска, која на новинарско прашање, посочи дека и самата била сведок на принуден детски брак, но не знаела дека тоа спаѓа во категоријата „трговија со луѓе“.

Михаел Јорданоски, ученик – актер, посочи дека преку претставата ја спознал важноста од препознавање и алармирање кога станува збор за принудните малолетнички бракови како една од формите на трговија со луѓе.

„Во радио драмата и претставата јас сум таткото кој си ја продава својата ќерка поради немање парични средства. Ми беше предизвик, да се пронајдам во оваа улога бидејќи, досега, на претходните претстави сум бил татко кој секогаш си ја сакал фамилијата, се ги почитувал вредностите на семејството, но сега за прв пат, различно од мојот каратер и убедувања и во приватниот живот не сум таков, јас сум сега, таткото кој неизвесно чека странец, да ја купи неговата малолетна ќерка. Пред проектот не знаев што е трговија со луѓе. Мислев дека ако некој се омажи или ожени, додека е малолетен, дека е заљубен и дека тоа тој го сака. Сега правам разлика, дека тоа не е така“, рече Јорданоски.

 На новинарски прашања  за состојбата со малолетничките бракови во училиштето/а, одговараше  Жанета Видеска, директорката на СОУ „Ѓорче Петров“ посочувајќи ја постапката како се делува при детектирање на оваа појава во образованието.

“Психолошко-педагошката служба од училиште ги детектира и ја препознава оваа појава. Случаевите ги пријавуваме во Центарот за социјална работа и МВР, “- посочи Видеска.

Театарската претстава „Маѓепсан круг“ и истоимената радио драма се дел од иницијативата на Радио Пела „Промени го мислењето – остани надвор од маѓепсаниот круг“ во рамките на проектот „Зајакнување на акцијата против трговија со луѓе во Северна Македонија“  како дел од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција.

Би можело да ве интересира

Полициска хроника: Двајца прилепчани повредени во одделни физички напади

Пела Редакција

Помирување на нациите – услов за мир во светот

Елизабета Филипоска

Производите на Витаминка пред светската јавност на саемот ISM во Келн

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе