Иницијативниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на работната средба во Велес донесе: МАНИФЕСТ НА ЛОКАЛНИТЕ НОВИНАРИ И МЕДИУМСКИ РАБОТНИЦИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА.
„Слободни локални медиуми во кои работат професионални новинари и медиумски работници се клучни за развојот на демократијата и слободното општество во Македонија. Толку клучни што нивното маргинализирање или замирање ја зголемува неотчетноста на локалните власти, кои се склони да ја злоупотребуваат власта во услови кога нема слободни локални медиуми што ќе внимаваат дали се почитува јавниот интерес или не.“
Ова е дел од Манифестот изготвен од 15 локални новинари, дописници и медиумски работници од цела Македонија. Документ во се лоцирани проблемите со кои се соочуваат и барања што новираните и медиумските работници од внатрешноста на државата ги упатија до централната и локалните власти за надминување на катастрофалната состојба во која тие се наоѓаат денес.
– Сметаме дека во последниве години ситуацијата е далеку влошена, повеќе влошена од претходно, за што има повеќе причини. Големи се економските притисоци, притисоци од разни центри на моќ, се’ помал број на новинари и медиуми работат во локалните средини и едно наше истражување покажа дека голем број на жители немаат или се лишени од квалитетни информации што нема информации од локалните средини. Тоа не е добро ниту за граѓаните, ниту за државата, за развојот на демократијата. Затоа по долги консултации со новинари во последната година со новинари и медиумски работници дојдовме до идеја да направиме како еден вид на манифест што ќе биде поддржан од самите новинари и медиумски работници во кој што ќе има барања за подобрување за состојбите во овој дел од новинарската сфера и медиумскиот сектор во Македонија, рече Дарко Дуридански од ССНМ.
Драфт верзијата на Манифестот е изработена и се продолжува со доработка и консултации со членството за да се овозможи поголема поддршка од страна на локалните новинари и медиумски работници. Целта е вршење притисок кон надлежните за подобрување на условите за работа и опстанок на локалните медиуми. Според истражувањата на Синдикатот во локалните и регионални медиуми надвор од Скопје работат во просек 1,6 новинари и 1,4 медиумски работници.
Загрижувачка е состојбата со локалното новинарство. Не е тоа само проблем само на локалните новинари кои остануваат без работа и имаат лоши услови за работа, туку тоа е и прашање кое ја загрозува демократијата. Бидејќи како што замира локалното новинарство, така локалните власти остануваат без механизам кој ќе ја контролира нивната отчетност, па се зголемуваат можностите од злоупотреба на власта. Исто така е проблем за немање на рамномерен регионален развој, бидејќи и така централизацијата во сите сектори ни е на високо ниво, па во Скопскиот регион се концентрирани 52% од работните места, додека во сите останати 7 региони е 48%. Во новинарството е уште полоша концентрацијата при што во Скопскиот регион можеби концентрацијата е до 80%, а во сите останати 7 региони останаа само 20% од нашите новинари да работат. И овој тренд мора да се спречи ако навистина сакаме и сака државата да имаме рамномерен регионален развој, рече проф-др Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки, Скопје.
Во основа новинарството и медиумите ја имаат задачата на заштита на јавниот интерес, но ако се остави се’ на пазарните услови, како што е денес во Македонија, дојдовме до моментот кога нема кој да ја врши функцијата на медиуми, вели Савески.
„Тука мора да стапи на сцена државата, треба да се вратат јавните локални медиуми, како радио станиците како печатените медиуми, порано ги имавме дури на ниво на 29, а сега имаме 0 (нула). Значи локалните самоуправи можат од еден регион да се здружат и да финансираат повторно отворање на јавен медиум кој ќе го штити јавниот интерес и ќе информира за настаните на локално и регионално ниво, за да избегнеме ситуација каква што немаме „покривања“ на случувањата од цели региони или она што го викаат „создавање на медиумски пустини“ на цели територии на нашата држава,“ рече Савески.
Ова е прв чекор за подобрување на состојбите во локалното новинарство. Манифестот на локалните новинари и медиумски работници претставува рамка во која ќе се движат напорите на ССНМ (Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници) да се остварат 9 барања за опстанок на локалното новинарство:
1. Основање на Фонд за производство на медиумски содржини кој пред се ќе биде насочен кон локалните новинари и медиумски работници.
2. Промена на правната регулатива со цел задолжување на националните радиодифузери да вработат дописници од сите плански региони во државата.
3. Поголема транспарентност на националните и локалните власти и прекин на практиката на создавање паралелни псевдо-медиуми во рамките на кабинетите.
4. Препознавање на јавниот интерес од страна на правосудните органи во поглед на правото на слобода на информирање во случаи во кои новинарите се тужена страна (СЛАПП тужби).
5. Поголема ажурност на полицијата и правосудните органи во случаи на напади и закани врз новинари и медиумски работници.
6. Формирање на јавни сервиси / локални или регионални медиуми во планските региони.
7. Поддршка на локалните медиуми преку субвенционирање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување за новинарите и медиумските работници.
8. Воведување на активни мерки за вработување на млади новинари и медиумски работници во локалните медиуми.
9. Обезбедување простории за новинарски прес-центри за потребите на локалните новинари и дописници.