6.7 C
Прилеп
петок, 20 декември, 2024
Пела Радио

Педесет години македонистика во Романија

Mесецов  во Националната библиотека на Романија во Букурешт, Амбасадата на Република С. Македонија во Букурешт со поддршка од Лекторатот на МСМЈЛК при УКИМ по македонски јазик во Букурешт, свечено ги одбележаа Денот на македонскиот јазик во Романија и значајниот јубилеј – 50 години од основањето на македонистичките студии во земјата.

Во академската 1974/1975 година на Универзитетот во Крајова, по иницијатива на д-р Валентин Келару бил отворен првиот Лекторат по македонски јазик во Романија, а денес, македонскиот јазик се изучува на Факултетот за странски јазици и литература при Универзитетот Букурешт. На Лекторатот во Крајова низ годините работеле голем број лектори и македонисти кои придонеле во развојот на македонистиката и промовирањето на нашата литература и култура. Во чест на јубилејот од основањето на македонистичките студии во Романија, со искрена почит ги споменуваме имињата на лекторите кои работеле во Крајова: Олга Иванова, Дочка Тодоровска, Снежана Велковска, Роза Тасевска, Коле Баскунлиев, Тодор Чаловски, Милован Стефановски, Толе Белчев, Глигор Нишотоски и Јадранка Ангеловска.

Нивната работа подоцна, во 1997 година била продолжена со отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Букурешт благодарение и на иницијатива на македонската писателка и преведувачка Лидија Димковска која во тоа време била на докторски студии на Факултетот за странски јазици и литература во Букурешт и со голема поддршка од тогашната ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – проф. д-р Радмила Кипријанова. Голема заслуга за развојот на македонистиката во Романија имаат и Миле Томиќ, автор на македонско-романскиот  и романско-македонскиот речник, преведувачот Јон Димитру и многу други.

 

Свечениот настан го отвори В.Д амбасадорот на Република С. Македонија во Романија, г-дин Златан Беговиќ.

Македонскиот јазик е повеќе од само средство за комуникација. Тој е крвотокот на нашите мисли, нашите традиции и нашата историја. Од раното словенско потекло до богатиот речник и единствената фонетска структура што ја прифаќаме денес, тој ја отсликува душата на нашиот народ. Нашиот јазик е камен-темелник на нашата културна гордост, кој нè врзува за нашите предци и ни овозможува да зборуваме со колективен глас во современиот свет-истакна Беговиќ во своето обраќање.

Свои обраќања имаа и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, проф. д-р Билјана Ангелова, продеканката на Факултетот за странски јазици и литература во Букурешт – лек. д-р Александра Николаеску, раководителката на Катедрата за руска и словенска филологија – проф. д-р Аксинија Красовски, првата лекторка на Лекторатот по македонски јазик во Букурешт – познатата македонска писателка, поетеса и преведувачка Лидија Димковска, како и сегашната лекторка на Лекторатот – Елена Ѓорѓиовска.

Денес македонскиот јазик се изучува на Факултетот за странски јазици и литераура во Букурешт, а јас сум особено горда, што студентите од Лекторатот го одбележуваат овој значаен јубилеј преку препеви на поезија од  најмладите, современи македонски поети на романски јазик кои ги направија под менторство и со поддршка на Лидија Димковска-истакна лекторката Елена Ѓорѓиовска.

Во чест на јубилејот, студентите од Лекторатот по македонски јазик во Букурешт препеаја поезија од современи македонски поети родени по 1990 година, а препевите беа прочитани на настанот. Препевите на поезијата од младите македонски поети од страна на студентите на Лекторатот по македонски јазик во Букурешт ја истакнуваат поврзаноста меѓу младите генерации. Овој креативен чин не само што ја зближува современата македонска книжевност со романската читателска публика, туку и ги поставува студентите како амбасадори на македонистиката бидејќи тие играат клучна улога во ширењето на македонскиот јазик, литература и култура, пренесувајќи ја неговата убавина и значење во меѓународен контекст. Препеана беше поезијата на Ивана Јовановска, Ива Дамјановска, Сара Ѓорѓиовска, Калиа Димитрова, Пепи Стамков и Никола Дукоски. Студентите кои ја препејуваа и изведуваа нивната поезија на настанот се: Анисија Ангел, Андреа-Марија Бачеану, Александру-Серџу Мартон, Роберта-Штефанија Јонеску, Михаи-Даниел Баба, Михаи-Даниел Попа, Владуц-Андреј Матеј, Клаудиу-Антониос Илие, Владуц-Маријан Нисторика и Вика-Јоана Јон.

Настанот беше збогатен и со концерт на македонска музика во изведба врвни музички уметници кои уште еднаш ни докажаа дека македонското срце чука во 7/8 такт: Фросина Вандевска, Марија Јанчулеска, Марина Иваноска, Дадо Најдоски, Драгана Марковиќ и Александра Чуруковска.

Меѓу присутните беа: дипломатскиот кор акредитиран во Романија, македонските почесни конзули и голем број Македонци и заљубеници во македонскиот јазик и култура.

Одбележувањето на Денот на македонскиот јазик во Романија и јубилејот од 50 години македонистички студии е посебно значен настан во земјата. Овој ден не е само признание за историскиот континуитет и академските достигнувања во изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, туку и симбол на трајните врски меѓу Република С. Македонија и Романија. Јубилејот потврдува дека македонистиката е длабоко вкоренета во романскиот академски простор благодарение на посветеноста на лекторите, странските македонисти, професорите, студентите и институциите што ја поддржуваат оваа значајна мисија.

 

Пишува: Филип Димкоски

фотографии:Мипо Имаге

 

Би можело да ве интересира

Цветници, празник во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалем

Пела Редакција

Поради пандемијата сметководителите бараат одложување на роковите. Ако нема одговор ќе организираат протест

Елизабета Филипоска

Прилепскиот уметник Марјан Стојаноски со самостојна изложба во Тирана

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе