На 14 февруари, од 19.30 часот во кафе-галерија Лувр, ќе се одржи петтиот по ред поетски перформанс „Љубење со стихови“ на поетите Филип Димкоски и Лина Димоска.
Станува збор за настан кој вклучува поезија од Димкоски и Димоска, но и од македонски поети од разни генерации и во секое издание поетите рецитираат различна поезија, според мотивскиот и според авторскиот сензибилитет.
Овојпат, освен стиховите на Лина и Филип ќе прозвучат и стиховите и на светските поети на љубовта како Калил Џибран, Жак Превер, Тагоре, Лорка, љубовна поезија на Блаже Конески, на Билјана Велковска, како и поезијата на прилепските автори Сузана Ѓорѓиевска, Звонко Димоски, Далибор Ивановиќ, Андриана Ристеска и Цане Гарески.
– Покрај тоа, ќе ви прочитаме дел од љубовните писма на големите уметници за нивните музи, ќе ве запознаеме со ликот и делата на нашите омилени поети. Во име на виното и љубовта, се гледаме на 14.2.2025, во Лувр-велат организаторите
Настанот е од отворен тип и влезот е слободен.
Со овој видео-материјал ве потсетуваме на атмосферата од четвртото издание на „Љубење со стихови“ кое се одржа во август 2024 година во клуб „Таверна“.