5.9 C
Прилеп
понеделник, 24 февруари, 2025
Пела Радио

Ристовски: Ракометот е национален спорт број еден!

Во организација на специјализираниот портал за ракомет „samorakomet.mk“ денеска во Скопје се одржа панел-дискусија „Ракометот спорт број 1?“ на која учествуваа и министерот за спорт Борко Ристовски и министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска. Панелот беше поделен во 3 сесии и тоа: Промовирање на ракометот, регрутирање и создавање на услови за создавање играч; Систем на натпреварување, Странци или домашен производ, брз успех или создавање играчи, Како треба да се трошат државните или општинските средства и третата сесија: Стратегија, визија и форми на финансирање, за развој на ракометот. Двајцата министри се осврнаа во делот на  стратегија, визија, инфраструктурни проекти и форми на финансирање на државата во спортот, поконкретно во ракометот.

Ристовски: Логично е најголем дел од државните субвенции во спортот да одат во ракометот!

Како поранешен ракометен репрезентативец и актуелен министер за спорт, Ристовски потенцираше дека ракометот според конкретните резултати е позициониран како спорт број еден во државата и таков статус има и во стратегијата на Министерството за спорт.

„Ракометот е спорт број еден во Македонија и тоа е дефинитивно така. Ние во Министерството донесовме и одлука да го прогласиме ракометот како национален спорт број еден. Има забелешки од некои национални спортски федерации, но многу е лесно да одбраните нешто кога има резултати. Речиси сите репрезентации во сите возрасни категории во ракометот се пласирани на големи натпреварувања, што во другите спортови не е случај, и логично е најголем дел од средствата од државните субвенции во спортот да одат во ракометот“, истакна Ристовски.

Тој посочи дека мора да има стратегија за развој на спортот и дека Министерството за спорт неа ќе ја гради во соработка со националните спортски федерации.

„Такви чекори веќе се направени со Одбојкарската федерација на Македонија, таква стратегија ќе направиме и со Ракометната федерација на Македонија. Одредени разговори имавме и со Фудбалската федерација на Македонија да направиме нешто слично, а ќе направиме и со Кошаркарската федерација за брзо време.Тоа е таа стратегија за која што се залагаме заедно со министерката за финансии. Ние секогаш се бориме што повеќе средства да влезат во спортот. Но, сме против да се трошат државни пари без резултати и да се трошат пари, а спортот да нема никаков бенефит како што било досега. Бидејќи освен ракометот кој држи некој континуитет, спортот во изминативе години, генерално ни оди во надолна линија и тоа мора да се смени. Ако продолжиме да финансираме како досега и резултатите ќе бидат како досега. Ние сме подготвени да направиме промени, имаме поддршка од Владата за се што треба да го направиме. Тоа треба да го направиме плански во соработка со националните спротски федерации – потенцираше министерот Борко Ристовски.

Димитриеска-Кочовска: Во мене секогаш ќе имате сојузник кога станува збор за поддршка за спортот

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска нагласи дека спортот е една од сферите на кои оваа Влада посветува посебно внимание и дека буџетот за спортот за 2025 е три пати поголем во однос на средствата што биле издвоени во 2019 година.

„Буџетот за спортот годинава е двојно зголемен во однос на претходната година. Ако погледнете на пример во 2019 година за спорт биле одвојувани околу 280 милиони денари, сега за 2025 година имаме буџет од 1,1 милијарда денари. Тоа е повеќе од три пати зголемување на буџетот за спорт. Тоа покажува дека ние како Влада го поддржуваме спортот. Нормално, сето тоа треба да биде во насока да имаме резултати. Кога издвојуваме толку пари, треба да знаеме која е крајната цел, што сакаме да постигнеме. Изминатиов период кај некои клубови се појави незадоволство. Затоа како министерство размислуваме за некои реформи, но тоа ќе доведе до намалување на директните субвенции во клубовите што ги дава Министерството за спорт. Клучното прашање е што сакаме да постигнеме. Спортот треба да обезбеди фер однос кон сите. Особено ова се однесува кај натпреварите во пионерските и младинските категории. Треба да обезбедиме услови за секое дете да биде мотивирано и со услови за спортување. Спортот гради здрава нација. Во мене секогаш ќе имате сојузник кога станува збор за поддршка за спортот – рече меѓу другото министерката Гордана Димитриеска-Кочовска

Министерот Ристовски на панел-дискусијата се осврна и на инфраструктурните проекти на Министерството за спорт како основа за развој на спортот.

„Јас уште од стартот почнав со решавање на тие инфраструктурни проблеми. За рекордно време остваривме повеќе капитални проекти. Ја реконструиравме спортската сала во Радовиш, почнавме со реконструкција на спортската сала „Расадник“ во Скопје која што се надевам дека ќе биде завршена до октомври годинава. Сега почнуваме изградба на три нови спортски сали, една до салата „Јане Сандански“ за која разговаравме со Ракометната федерација на Македонија салата да биде во јавно приватно партнерство ако има услови за тоа, ако не ќе ја градиме ние. Уште една нова сала ќе се гради во склоп на Воената академија во населба Аеродром. Третата сала ќе се гради во Струмица, а во план ни е во втората половина на годината да почне изградбата на сала за боречки вештини во општина Бутел. Планираме големи инвестиции во инфраструктура, бидејќи јасно на сите ни е дека без услови нема резултати. Работиме на тоа да направиме и оддел во  Министерството за спорт за ние да стопанисуваме со нашите спортски салите што се во државна сопственост или да ги даваме на стопанисување на спортските федерации коишто имаат капацитет да ги стопанисуваат правилно и заедно да придонесуваме за развој на спротот“, рече поранешнот репрезентативен голман.

Би можело да ве интересира

„Мали тркала за големи промени“- на тротинети по повод Европската недела на мобилност 

Пела Редакција

Денеска температура до 41 степен – до утре важат препораките за ослободување од работа на ранливите категории граѓани

Пела Редакција

Против пожарите не помага ни времето – И, денеска температура до 43 степени и активен портокалов аларм

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе