Со длабока тага, прилепчани и денеска на мирниот собир од 12 часот во центарот на Прилеп кај параклисот „Свети Никола“ со палење свеќа, оставајќи цвеќе, тивко оддаваа почит за прерано згаснатите животи во страшната трагедија во Кочани. Споделената тага и болка ја преточуваа во книгата на жалост и за прашања на кои се чекаат одговори и одговорност. Изрази на сочувство до семејствата, барања за одговорност и „ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ“ !!! Тишина која гласно говори дека е доста, дека се бара правда.
„Животи одземени од корупција.“ „Тие би го продале бога, а нив само еден ќе им суди. Летајте високо со ангелите.“ „Вистината на виделина. Доста се лаги.“ „Младите се иднината, а иднината не сакам да е матна.“ „Тие беа повеќе од бројки – беа луѓе со соништа, сега изгубени во сенката на нечии грешни одлуки. Ќе ги паметиме, но нема да ги заборавиме“.
Ова се само дел од пораките на прилепчани, на младите кои овие два дена го споделуваа молкот завиен во болка испраќајќи гласни пораки за одговори и за одговорност.
Мирниот собир „Бараме одговори и одговорност“ кој што изминативе два дена се одржуваше од 12 часот кај Параклисот „Свети Никола“ во центарот на Прилеп наредниве денови нема да се организира.
Мирен марш е најавен за вечерва во Прилеп и секој ден на градскиот плоштад од 18 часот.