-2.2 C
Прилеп
недела, 22 декември, 2024
Пела Радио

Интервју: Томе Петрески, дестинација Прилеп – Мароко…

Спортска кариера исполнета со многу предизвици на ракометниот подиум. Врвен ракометар од рангот на најквалитетните на просторот од поранешна Југославија. Член на првата македонска репрезентација по осамостојувањето и меѓу првите ракометари кои подобрата иднина во спортот ја побараа во странство. Прилепчанец кој првите чекори и успеси во ракометот ги направи во некогашен Тутунски Комбинат, благодарение на исклучителниот талент брзо се вивна во височините преку Пелистер, па Пролетер од Зрењенин, но најмногу се задржа во Франција и никогаш не го остави на цедило матичниот клуб – и во добро и во лошо. Томе Петрески – некогаш бековска видра со топовски прецизен удар, а денес тренерски гурбетчија – пионир во освојувањето на африканскиот континент. Во новата сезона на мароканското првенство ја предводи екипата на Малудиа.

 

Радио Пела: Зошто токму Мароко, случајност или добро разработена тактика?

– Максимално настојував да останам во Македонија, имаше некои најави но не се остварија.Во тој период пропуштив неколку понуди. Понудата од Мароко не беше случајна ја имав неколку месеци, и на крајот сепак се одлучив да прифатам и да започнам со работа на терен досега непознат за мене.

Радио Пела: Што ти претставува најголем предизвик како тренер во оваа африканска земја?

– Предизвикот беше да го вратиме клубот МСО на старите патеки.Имено клубот кој што сега го предводам во минатото беше еден од најдобрите клубови во Мароко. Изминатите неколку години клубот не успеа да стигне до плеј оф. Мислам дека сето ова ќе се подобри со добра работа. Првенството е долго, но засега сме на добар пат да го вратиме клубот на местото кое го заслужува. Моментално од шест одиграни натпревари имаме шест победи.

Радио Пела: Сигурно има огромни разлики, со оглед на твоето тренерско искуство во Франција и Македонија, контра моменталната работна средина. Кои се најголемите предности, а кои се недостатоците?
-Не би ги споредувал моите искуства.Секоја од овие земји си има свои предности и недостатоци. Франција е една водечка сила на светскиот ракомет, но тие немаат ракометна култура за што и самите тоа го признаваат, но со одлична организација, со огромно вложување и професионализам стигнаа таму каде што се денес. Е, за жал тоа кај нас во Македонија во моментот е незамисливо и многу тешко……
Радио Пела: Каков е играчкиот потенцијал во Мароко, има ли добра ракометна школа?
– Во недостаток на средства, организираност и услови неможеме да очекуваме добра ракометна школа од која ќе произлезе играчкиот потенцијал. Проблемот е во тоа што во една земја од 40 милони народ, немаат препознатлив став, проект и визија за ракометот. Недостасуваат многу работи.

Радио Пела: Ракометот во Македонија и ракометот во Мароко, во што е разликата?
-Според тоа што можев да го констатирам во овие изминати месеци и нема некоја очигледна разлика .И во двете земји недостасува напредокот. Сепак ракометот во Македонија е на повиско ниво имаме подобра ракометна култура. Како прв спорт во Мароко е фудбалот за разлика од Македонија, каде сепак ракометот е спорт број еден.

Радио Пела: Да те вратиме малку дома, сигурно следиш се што е актуелно со клубските и репрезентативните настапи. Колку си задоволен од актуелните состојби во македонскиот ракомет?
-Политичката состојба во Македонија за жал се одрази и во спортот, направи поделеност и со тоа придонесе спортот во државата да неможе да функционира нормално. Воопшто не сум задоволен, можам да кажам дека сум и револтиран од моменталните случувања во македонската лига. И покрај сите случувања и проблеми сепак нашата репрезентација успева да земе учество на европски и светски првенства.Желбата на нашите ракометари е голема …

Радио Пела: Има најави за некакви промени за обезбедување на подобра иднина и во машкиот и во женскиот ракомет во Македонија. Што според тебе треба да се преземе за сигурна перспектива?
-Најави и промени има секогаш и премногу. Се нешто се менува со надеж за подобрување и секогаш се оди во погрешна насока. Би било добро да има закон за спортот, што значи на ниво на Влада треба да се изгласа закон за спорт каде што секоја општина ке биде обврзана да одделува процент од буџетот за спорт.Тој процент би бил распределен во зависност од заслугата на локалните спортови во градот. Со тоа, клубовите би имале финансиска стабилност со која што би можеле подобро да го организираат својот клуб и воедно да се зголеми интересот за истиот. Според мое мислење ова е како прво и најбитно кога општината стои зад клубовите, затоа што краткотрајно е функционирањето на еден клуб доколку е финансирано од една единка. И самите сме сведоци за многу такви клубови (шампиони) кои пропаднаа поради повлекување на нивните сопственици. Како второ би го навел претседателот на клубот како многу битен за функционирање.Тоа да биде човек (волонтер) пред се љубител и познавач на ракометот кој нема да биде на оваа позиција заради свои лични интереси, човек кој би ја ценел зададената позиција на тренерот на екипата, најбитната карика во ланецот. Тренерот е главен, кој пред се треба да поседува високи човечки особини, одлично познавање на ракометот и ракометната игра. Непотребно е да се прави некој УПРАВЕН ОДБОР или ГОЛЕМА УПРАВА која ја сочинуваат луѓе кој не го разбираат ракометот , нити биле спортисти во животот, а тоа се луѓето што за жал во нашите клубови одлучуваат за судбината на многу тренери и играчкиот кадар. Се е многу едноставно кога се знае како треба, и да се знае на кого – каде му е местото.

Радио Пела: Дали во спортот се е до парите?
-Според мене финансиите ја играат најголемата улога за судбината на спортот. Пожелно е секако да се умее да се раководи со средствата.

Радио Пела: Како дел од неизбришливата ракометна историја на Македонија и поранешна Југославија, кој за тебе е најубавиот спомен, а што би сакал да заборавиш?

-Во моето долгогодишно ракометно искуство сум имал многу , ама баш многу спомени. Но веќе кога треба да оддвојам тоа би била шампионската титула на Југославија со ПРОЛЕТЕР НАФТА ГАС. Таа титула ја стекнавме благодарение на добрата организација и професионалното работење на клубот. За убави спомени заслужува да ги споменам и многуте титули со Пелистер, а би сакал да ги заборавам последните 5 мин од натпрварот со Лемго во Битола. Да можеше и би ги променил тие 5 мин, ха,ха,ха.

Радио Пела: Доколку има можност да го вратиш времето со кого од поранешните соиграчи би сакал да настапуваш повторно во првата седумка?
Ех, да може да се врати времето убаво би било …..Мојата првата ОСУМКА би изгледала вака… ТРЕНЕР -СЛОБОДАН ЧИЛЕ МИШКОВИЧ; Голман – ДЕЈАН ПЕРИЧ; Лево крило-ШАНДОР БАЈУС; Лев бек-ДЕНИ ЛА ТУ; Среден бек – ТОМЕ ПЕТРЕСКИ; Десен бек – ЈОВАН СЛАВКОВИЧ; Десно крило-ИВАН МАРКОВСКИ; Пикер – ИГОР КОТЕВСКИ;

Радио Пела: Дали во твоите идни спортски планови ја има Македонија?
Секако дека би ми било драго, имам голема желба да растеме заедно со некој клуб од Македонија.Секогаш сум достапен за соработка со македонски клубови.

Би можело да ве интересира

ЖРК Деспина во европските купови патува во Скандинавија

Елизабета Филипоска

РАКОМЕТОТ ВО ПРИЛЕП СЕ ВРАЌА ВО ХРАМОТ НА РАКОМЕТОТ – УНИВЕРЗАЛНА САЛА

Елизабета Филипоска

Без тренер Победа триумфираше во Кочани

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе