7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

На 4 февруари, роденденот на Гоце Делчев, загинал неговиот помлад брат Мицо, кој во Штип го кренал првиот ученички бунт

Интересни историски факти по повод роденденот на Гоце Делчев, споделија нашите колеги од Македонскиот Медиа Сервис кои со задоволство ги споделуваме. Штип како што е познато е градот каде Гоце Делчев 2 години учителствувал, предавал историја, географија, геометрија и француски јазик, но исто така учел и неговиот помлад брат Димитар. Оригиналната сторија следува во продолжение….

Набрзо по доаѓањето на Гоце за учител во Штип, како ученик во истото училиште во ноември 1894 година дошол и неговиот помлад брат Димитар-Мицо, кој брзо, според сеќавањата на новинарот и публицист Петар Завоев, инаку сокласник на Мицо, одлично се спријателил со сите ученици, на Прочка го иницирал првиот ученички бунт, а со храброста, патриотизмот и бунтовниот дух, набрзо се вклучил во македонското револуционерно движење и во голема битка загинал во 1901 година, на 4 февруари, датум на кој во 1872 година е роден Гоце Делчев
Пишува: Љупчо Шатевски

Бистата и спомен-плочата на Гоце Делчев пред училиштето во кое две години бил учител

Двете години (од 1894 до 1896) што големиот револуционер и идеолог на македонското револуционерно движење Гоце Делчев ги поминал во Штип, штипјани и денес, 147 години по неговото раѓање, не ги забораваат. Секој 4 февруари, денот кога во 1872 се родил во Кукуш, и 4 мај, кога загинал кај Баница во 1903, граѓаните се собираат пред спомен-плочата на училиштето во штипската населба Ново Село, каде што Гоце бил учител, на која ја пишува неговата позната мисла „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар на народите“ и „Благодарна Македонија“. Многу објекти и институции во градот под Исарот го носеле и го носат Гоцевото име. Така се викала некогашната учителска школа, подоцна и Педагошката академија, Библиотеката, едно основно училиште, влезниот булевар, така треба да се вика и новиот автопат Штип – Скопје, а „Гоце Делчев“ е името и на штипскиот универзитет, чија ректорска управа е во реконструираното училиште во кое предавал Гоце, пред зградата е неговата биста, а во неа и спомен-собата, со документи, клупи и столчиња од времето во кое овде учителствувал.
– Гоце Делчев оставил длабоки траги. Во Штип пред револверот и камата ја дал и свечената револуционерна обврска. Дошол многу млад, во 23. година од животот, полн со елан и револуционерен занес, кој, освен во Штип, го разнел и во целиот регион. Ги ширел револуционерните идеи, организирал тајни канали за дистрибуција на оружје, често, заедно со револуционерите од Штип и регионот, и самиот учествувајќи во акциите – вели историчарот Донче Ефремов.

Димитар – Мицо Делчев и училницата

Ви водам нов другар, можеби покрај вас ќе му дојде умот“
Малкумина знаат дека во Гоцевото школо, како што и денес го нарекуваат многумина штипјани, учел и Гоцевиот седум години помлад брат Димитар-Мицо Делчев (1879-1901). Сеќавања и автентични сведоштва за него запишал штипјанецот Петар Завоев (1880-1969), плоден новинар, публицист и писател, кој на 18-годишна возраст, поради револуционерната дејност на татко си, морал со семејството од Штип да се пресели во Бугарија. Завоев бил соученик на Мицо во училиштето во Ново Село, изградено во 1882 година покрај црквата „Успение на пресвета Богородица“.
Според Завоев, Мицо во тогашната прогимназија во Ново Село дошол кон крајот на ноември 1894 година. Биле трети клас кога на првиот одмор во училницата влегол учителот Гоце, кој им предавал историја, географија, геометрија и француски јазик, и им го претставил новиот ученик.
– Ви водам нов другар. Тој е мој помал брат. Се вика Мицо. Примете го, запознајте го. Можеби покрај вас ќе му дојде умот – шеговито рекол Гоце.
Мицо срамежливо седнал во последната клупа. Иако им бил симпатичен, најмногу поради карактеристичната кукушка носија, добродушнста и дијалектот од Егејска Македонија, сепак учениците го прифатиле со голема резерва. „Збогум ученички лудории и детски тајни, овој му е брат на учителот и за секој наш чекор ќе знаат учителите“, си велеле. Тоа траело петнаесетина дена, кога според Завоев, сфатиле каква драгоценост им оставил Гоце. До Божик веќе сите биле големи другари со Мицо, а за Прочка, како што запишал Завоев, го кренале и првиот ученички бунт во Штип, чиј предводник бил токму Мицо.

Ново Село

Бунт на чист понеделник
Според обичајот, ден пред Прочка учениците се простиле со учителите, давајќи им портокали. Но, сепак, добиле наредба в понеделник, ден по Прочка, кога е чист понеделник и почнуваат подготовките за велигденските пости, да дојдат на училиште, иако дотогаш на чист понеделник не се учело. Револтирани, дошле на училиште, но изгледа зафатени од револуционерниот занес што во тие години владеел во градот, решиле и тие да направат нешто на своја рака. Мицо ги прашал соучениците дали дотогаш се одело на училиште на чист понеделник. Во еден глас му одговриле дека не се одело. „Е, па нема да одиме ни сега“, рекол Мицо и излегол од училиштето, а по него излегле и сите други ученици.
Се поделиле во групи и оделе по ред во куќите на сите соученици, каде што го дојадувале и допивале она што останало од трпезата за Прочка. Попладнето, пак, направиле и повеќе лудории низ градот. Опомените од учителите останале без ефект. На зајдисонце дошле стражари да го растурат бунтот, по што учениците се вратиле во своите домови. Утредента отишле на училиште. Им се чинело дека е се’ во ред, но набрзо ја слушнале казната што им ја изрекол Учителскиот совет.

Реконструираното училиште, денес Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“

Сто прачки за казна, сцената ја гледале и Гоце Делчев и Даме Груев
„Од нас се бараше да кажеме кој го организирал бунтот, кој бил иницијаторот. Но, никој ништо не кажа. Се сеќавам како Гоце Делчев задоволно со раката поминуваше по своите мустаќи и се потсмевнуваше, веројатно задоволен од нашата детска цврстина и храброст. Бидејќи не го откривме предводникот, казната беше еднаква за сите – требаше меѓусебно да се удираме со прачки. Бевме построени во училиштниот двор. Служителот донесе сто прачки. Прозорците и чардаците на околните куќи беа полни со луѓе за да ја видат несекојдневната случка. И Гоце Делчев и Даме Груев, кој исто така тогаш беше учител во Штип, ја гледаа сцената. Се потсмевнуваа и нешто тивко и скришно си шепотеа“, пишува Завоев за „задушувањето“ на бунтот.
Со бунтовниот дух, храброста и патриотизмот, Мицо набрзо се вклучил во македонското револуционерно движење. Учествувал во неколку терористички акции и во бунтот во Солунската машка гимназија. Во летото 1900 година станал член на четата на Христо Чернопеев.
Зaгинал на неполни 22 години. Судбината сакала едниот од браќата Делчеви да се роди на 4 февруари, а другиот да загине на истиот датум. Гоце се родил на 4 февруари 1872, а Мицо загинал на 4 февруари 1901 година кај гевгелиското село Бајалци, како дел од четата на Чернопеев, која тогаш била стационирана во гевгелиско-кукушкиот реон. Кај Бајалци четата била опколена од силен турски аскер. Во 13-часовната престрелка загинале седуммина од тринаесетмината комити, меѓу кои и Мицо, другите се пробиле, а кај аскерот имало триесетина загинати.

Милан Делчев

ЗА ДВЕ ГОДИНИ ЗАГИНАЛЕ ТРОЈЦА ОД ЧЕТВОРИЦАТА БРАЌА ДЕЛЧЕВИ
Од четворицата синови на Никола и Султана Делчеви од Кукуш, тројца загинале за слобода на Македонија во период од две години. Мицо во 1901, Гоце во мај 1903, а само еден месец по него и Милан, кој бил роден во 1883 година. Тој загинал по битката кај Владимирово, како дел од четата на Крсте Асенов. Од природна смрт во 1927 година починал само најмладиот брат Христо, кој исто така бил учесник во македонското револуционерно движење.

Христо Делчев

Освен Гоце и Мицо, во Штип две години живеела и Катерина Трајкова-Нурџиева, ќерка од прв братучед на Гоце Делчев, која во 1943 и во 1945 година била учителка во градот под Исарот. Учествувала и во борбата за ослободување на Македонија, му била секретарка на Методија Андонов Ченто, а живее во Благоевград, каде што нејзиното семејство во 1915 година дошло од Егејска Македонија.
Извор: https://mms.mk

Би можело да ве интересира

Започна реконструкцијата на цевководот со главен довод на вода од извориште во местото викано „Пашоски ливади“ кај Оревоец

По шести пат, во организација на МАСО – Фестивал на македонска храна во Мелбурн

Гордана Цветаноска

„Превентивата е подобра од лекот“ здравствено едукативна трибина на Здружението „Филип Лукароски“

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе