ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Интернационалниот скулпторски симпозиум „Мермер“ на ЦСЛУ одбележува 55 години

880

Повеќе од 6 децении Центарот за современа ликовна уметност е столб на 11 интернационални манифестации од кои најголем дел се одржуваат во континуитет, а неколку се повремени. Годинава се одржуваат 5 работилници: сликарската колонија, скулпторскиот симпозиум, студиото за пластика во дрво, како и во атељеата за скулптура во метал и уметничка фотографија.

Еден од најстарите и најпрепознатливи е секако Интернационалниот скулпторски симпозиум – „Мермер“, основан во 1963 година на иницијатива на д-р. Бошко Бабиќ. Над 200 дела досега, за време од 55 годишното опстојување се создадени во рамките на симпозиумот на кој учество зеле многу познати уметници од целиот свет.
Делата – плод на уметничката фантазија и исклучителниот прилепски бел мермер ги красат Прилеп, Скопје, Битола и други градови од земјава.

 

 Како настанала скулптурата „Магаре“ на аргентинскиот уметник Алфредо Печиле?

Не само снежно белиот мермер Сивец, туку и средината, опкружувањето, во кое творат уметниците е поттик за нив. Имено, инспирација на едно исклучително дело (кое е заштитен знак на плакатот по повод јубилејот на симпозиумот) од светски познатиот уметник Алфредо Печиле било магаре кое тој секојдневно го среќавал на патот до работилницата каде што творел во близина на рудникот Сивец за време на симпозиумот во 1998 година. Како што се пренесува анегдотата за создавањето на ова дело -дури 40 брусилици биле потребни за „оживување“ на фантазијата на аргентинскиот современ уметник.
Скулптурата „Магаре“ денес го краси платото на Центарот за култура Марко Цепенков и е дел од богатата колекција на Печиле.


Годинава во рамките на симпозиумот од 25 јуни, па до 4 јули творат скулпторите: Татјана Каравелиќ, Марина Стопоња, Милија Стојановиќ и Џузепе Спито, кои доаѓаат од Србија, Хрватска, Црна Гора и Шпанија.
– Првпат сум во Македонија. Инаку, досега имав прилика да работам со прилепскиот мермер и ми е еден од најомилените материјали. Атмосферата е одлична. Осмислив скулптура во мој стил со модерен облик и ја продолжувам мојата серија дела на една тема, вели Милија Стојановиќ.
Идеалните услови за работа се пресудни за уметниците кои не го кријат задоволството што се во Прилеп и што можат да се искажат во надалеку прочуениот мермер „Сивец“ кој што е создаден за моделирање од вештите уметнички раце.

– Во 55 години уметниците создадоа околу 200 уникатни дела-скулптури, од кои 120 се монументални, парковски формат кои се изложени во Прилеп, Битола, во Скопје и во другите градови. Центарот за современа ликовна уметност, Прилеп и државата се гордеат со збирката дела. Уметниците десетина дена ќе творат и ќе создадат нови дела кои ќе го збогатат непроценливото културно наследство, вели Горан Ристески, претседател на ЦСЛУ.

Работилниците поддржани од Министерството за култура и на Општина Прилеп, а денеска во посета на скулпторскиот симпозиум – „Мермер“ беше градоначалникот Илија Јованоски. Домаќинот, генералниот директор на АД Мермерен Комбинат Прилеп Периклис Николау им посака добредојде на уметниците напоменувајќи дека прилепскиот бел мермер е единствен и нуди можности за посебни уметнички дела, особено кога ќе се спојат уметничката имагинација и кретивност.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе