11.1 C
Прилеп
понеделник, 28 октомври, 2024
Пела Радио

Признанија и награди од Општината за првенците на генерацијата од прилепските средни училишта

Првенците на генерацијата 2015-2019 година, од петте средни училишта од општина Прилеп: Николче Мојсоски од СОУ „Ѓорче Петров“, Ана Ѓорѓиоска од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Христина Нунеска од СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“, Хари Димески од СОУ „Орде Чопела“ и Петар Коцев Велкоски од СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ беа на прием кај градоначалникот Илија Јованоски.

Честитајќи им го на првенците на генерацијата големото признание и предавајќи им ја паричната награда од по 6.000 денари, дипломите и статуетките, градоначалникот Јованоски рече дека тие претставуваат гордост за нивните семејства, за училиштето во кое го завршиле своето средношколско образование, но истовремено тие се гордост и на општина Прилеп.

„ Општина Прилеп и јас како градоначалник, се гордееме со нивните постигнувања и успехот. Верувам дека со ист таков успех, можеби и уште поголем, ќе го завршат и високото образование и дека еден ден своето знаење ќе го стават во служба на нашата општина и, генерално, на нашата држава, истакна градоначалникот Јованоски.

Христина Нунеска, првенец на генерацијата во СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“, е единствената од сите првенци која своето образование го продолжи на Економскиот факултет во Прилеп.

„Пред да се запишам во Економското училиште, во 9-то одделение го учевме предметот ‘Иновации’, кој го предаваа професори од Економското училиште. Уште тогаш се пронајдов во тој предмет, во економијата и главно во претприемништвото. Се запишав на насоката ‘Банкарство и финансии’ и поминав преубави 4 години во СОУ ‘Кузман Јосифоски-Питу’. Се запишав на Економскиот факултет во Прилеп, на отсекот ‘Банкарство и финансии’ и се надевам дека после завршувањето на факултетот ќе магистрирам. Себеси се гледам на работно место во банка, не знам точно во кој оддел, можеби во кредитно одделение“, изјави Нунеска.

Останатите четворица првенци на генерацијата, Николче Мојсоски, Ана Ѓорѓиоска, Хари Димески и Петар Коцев Велкоски, своето образование го продолжија на Медицинскиот факултет, ФИНКИ, Природно-математичкиот факултет и на Машинскиот факултет.

Би можело да ве интересира

Есенски панаѓур во ООУ „Кире Гаврилоски Јане“ Прилеп

Пела Редакција

Основците од Прилеп се натпреваруваа во краснопис

Гордана Цветаноска

ДОЈДЕТЕ! Економското училиште на 25 ти организира новогодишен базар со хуманитарна нота

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе