Непојмливо за синдикалното организирање во Македонија – денеска во Еурокомпозит 11 Октомври на Лазар Ангелески претставникот на СИЕР, гранковиот синдикат на ССМ, не му беше дозволен влез во компанијата за присуство на состанок по покана на синдикалната организација, кој исто така беше оневозможен од страна на менаџментот. Членовите на синдикалната организација на Еурокомпозит, седницата на собранието, поради вонредните услови ја одржаа надвор, пред влезот на фабриката. Поводот за денешниот состанок во Еурокомпозит е несогласувањето на поголемиот дел од вработените со досегашната работа на претседател на синдикалната организација Владо Чурлиноски.
-Состанокот си има легитимитет и не е ништо спорно , се донесоа одлуки, односно беше разрешен досегашниот претседател на синдикалната организација, за кого што никој нема против како човек, но овие луѓе овде кои што се вработени и кои што јадат леб од оваа фирма рекоа дека тој човек не е во ситуација да ги заштитува нивните права. Овде нема никаква политичка позадина, и никој нема право да се меша во работата на синдикатот, вели Лазар Ангелески од гранковиот синдикат СИЕР при ССМ, кој потенцира дека ваквото попречување на работата на синдикатот е кривично дело согласно кривичниот законик и не е исклучено поднесувањето на кривична пријава за денешниот настан.
Новиот лидер на синдикалната организација на Еурокомпозит е Роберт Богданоски, кој тврди дека имал големи притисоци за да не ја прифати понудената лидерска позиција.
-Наредните постапки се синдикален притисок за исполнување на барањата на вработените: исплата на редовна бруто плата, решавање на статусот на компанијата, доисплата на заостанатите плати и придонеси кон државните фондови за пензиско и здравствено осигурување“, ги повтори заложбите Божиноски.
Работниците велат дека немаат ништо лично против досегашниот претседател кој неколку пати бил поканет да биде присутен на состанокот.
-Благодарение на тој синдикат фирмава опстојува 10 тина година и затоа апелирам до генералниот директор како синдикат нас да не почитува ако сака да го почитуваме и ние него, рече Цветан Бунтески член на собранието на синдикалната организација.
На вработените во Еурокомпозит компанијата, односно државата им должи 12 плати, исплата на К15, придонеси за пензиско осигурување за последните речиси 6 години. Некогашниот гигант од наменската индустрија неколку децении се наоѓа во агонија за која излезот вработените го бараат во засилено синдикално делување.
-Ние сакаме со поинтензивни синдикални притисоци кои ни се на располагање да го забрзаме процесот за решавање на наталожените проблеми во компанијата преку преговори со Владата. Наше е да се бориме, вели Пеце Вељаноски, член на синдикалното собрание.
Работниците денес земаат нередовна плата без подмирени придонеси за здравствено осигурување и кон пензискиот фонд. Еурокомпозит 11 Октомври е фирма во целосно државна сопственост во која работат 260 лица .