Здравствен дом Прилеп согласно препораките од Министерството за здравство веќе спроведе неколку постапки за справување со пандемијата со Ковид 19, а наредниве денови се очекуваат и новини во работата на медициските тимови од оваа институција.
Како што посучува д-р Оливера Аџиоска, директор на Здравствен дом Прилеп, деновиве треба да започнат со работа 2 пункта за проверка на Ковид 19 за територијата од општината.
Два пункта за тестирање во Прилеп
– Во Прилеп пунктовите за тестирање на Ковид 19 најверојатно ќе бидат стационирани во Центарот за јавно здравје Прилеп, и тоа во просториите на Трудова медицина, каде што според препораките ќе биде обезбедена потребната опрема за работа со посебен влез. На дневна основа се следат мерките и препораките, бидејќи од час во час е менува состојбата. Веќе се формирани 3 тимови кои се составени со по 3 медицински сестри и 3 доктори кои почнуваат со онлајн обуки за справување со Ковид 19, кои по обуката ќе им ги пренесуваат искуствата на своите колеги,вели Аџиоска..
Од вчера 30 ти март, согласно наредбата од министерството за затворање на матичните стоматолози, сите пациенти кои имаат итна потреба за стоматолошка интервенција се насочуваат единствено кон Итната стоматолошка помош во Прилеп, каде се преземени сите мерки за безбедност и заштита на медицинскиот персонал и на пациентите. Матичните стоматолози треба да се јавуваат на тел. број 076 789 661 на кој што ќе ги најават пациентите по претходно направена анамнеза за итноста на интервенцијата.
– Се врши тријажа на влезот од Итната стоматолошка помош. Пациентите се проверуваат согласно препораките. Бројот на интервенциите вчера изнесуваше 11 што е на нивото од редовната работа на службата, потенцирајќи дека од вчера практично се згрижуваат пациенти од 70 стоматолошки ординации во Прилеп, вели Аџиоска.
Во Здравствениот дом Прилеп, обезбедена е посебна просторија – соба за изолација, со посебен влез до истата, без контакт со останатите деловни простории.