Претпладнево, со прозивка која поради безбедносните протоколи наместо во клупските соблекувални, беше одржана на северната трибина на стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп, беше означен почетокот на подготовките на фудбалерите на ФК Победа за новото првенство на Втората лига-Исток.
На краткиот состанок в.д. претседателот Миле Спиркоски и шефот на стручниот штаб Дарко Крстески пред 22 присутни фудбалери ги образложија процедурите за тренирање во подготвителниот период, кои предвидуваат придржување на протоколот за спроведување на мерки за заштита од ковид-19 при одржување на тренинзи на клубовите и одигрување фудбалски натпревари доставен од Фудбалската федерација на Македонија.
Попладнево од 18:00 часот на теренот со вештачка трева е планиран и првиот тренинг. До недела е планиран по еден, а од следната недела интензитетот ќе се зголеми на два тренинзи дневно. Според усвоениот календар за новата сезона од страна на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија, новата сезона на Втората лига предвидено е да започне на 22 август.
Во подготвителниот период стручниот штаб на Победа планира одигрување на 6-7 контролни натпревари.
Извор: ФК Победа, facebook strana